Министерството за транспорт и врски денес распиша објава за отуѓување на градежно земјиште во сопственост на државата со намена за изградба на винарии. Преку електронско јавно наддавање се нудат 41 локација во општините Кавадарци, Неготино и Росоман, се наведува во соопштението на министерството. Во општина Росоман се огласени на наддавање 8 градежни парцели со површина од 2.150 дo 2.406 метри квадратни, во општина Кавадарци се продаваат 12 градежни парцели со површина од 1.838 до 3.595 метри квадратни, додека во општина Неготино се нудат 21 градежна парцела со површина од 1.520 до 5.910 метри квадратни.
Почетната цена на јавното наддавање изнесува 61 денар, односно 1 евро од метар квадратен. Пријавувањето на објавениот оглас со потребната документација се врши најдоцна до 26 октомври за градежното земјиште во општина Кавадарци, до 27 октомври за општина Росоман и до 28 октомври за општина Неготино. Електронското наддавање за државното земјиште во општина Кавадарци ќе се одржи на 4 ноември, а за градежните парцели во општините Росоман и Неготино ќе се наддаваат на 8 ноември.
Бојан Блажевски