Денеска започна поставувањето на скулптурите на Мостот на уметноста, новиот пешачки мост на реката Вардар во Скопје, кој се гради помеѓу Градскиот трговски центар и објектот за Јавното обвинителство и Финансиската полиција, исто така во изградба [»мапа]. Мостот е долг 83 метри, а широк 9,20 метри (на краевите) и 12 метри (во средишниот дел). Неговата изградба, без сумата платена за скулптурите, чини околу 2,5 милиони евра. Изведувач на градежните работи е скопски „Бетон“, според идејното решение на архитектите Коста и Викторија Мангаровски. Проектот е изработен од „Градежен институт Македонија А.Д.“, фирма која воедно го врши и надзорот.
Предвидено е поставување на вкупно 29 скулптури, меѓу кои централна ќе биде онаа на Браќата Миладиновци, висока три метри, а страничните 28 скулптури (Лазар Личеноски, Никола Мартиновски, Димитар Кондовски, Петар Мазев, Григор Прличев, Стале Попов, Крсте Петков Мисирков, Кочо Рацин, Јордан Хаџи Константинов – Џинот, Блаже Конески, Ацо Шопов, Славко Јаневски, Васил Иљоски, Ванчо Николески, Живко Чинго, Војдан Чернодрински, Димитар Пандилов, Никола Вапцаров, Неџати Зекирија, Муртеза Пеза, Адем Гајтани, Ристо Шишков, Петре Прличко, Властимир Николовски, Трајко Прокопиев, Тодор Скаловски, Стефан Гајдов и Тоше Проески) се високи по два метри.
Во текот на денешниот ден беше поставен и уште еден во низата нови споменици во паркот „Жена борец“. Се работи за коњанички споменик на Питу Гули, излеан во бронза, висок пет метри и поставен на постамент висок 3,5 метри, кој вообичаено ќе биде украсен со бронзени релјефи. Автор на идејното решение е Кристина Пауновска, а споменичната скулптура е излеана во српската леарница „Јеремиќ“ за цена од 118.192 евра.