Претходна статија
Балконот на седиштето на ВМРО-ДПМНЕ е дивоградба
Следна статија
По „Воинот на коњ“, на плоштадот пристигнува и „објектот со скулптурална композиција“

Се помрднуваат од мртва точка плановите за реконструкција на охридската болница „Св. Еразмо“

Објавено на 03.09.2015 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

#Министерството за здравство денеска го објави тендерот за избор на изведувач за претстојната реконструкција и адаптација на специјалната болница „Св. Еразмо“ во Охрид. По неколкугодишни ветувања на централната власт за започнување на овој проект, работите се помрднуваат од мртва точка. Основниот проект и преостанатата документација веќе се комплетирани. Зафатот вклучува реновирање на постоечката болничка зграда, реорганизирање на амбулантите, лабораторијата, дијагностичките содржини и реновирање на операционите сали. Со проектот е предвидено да се догради еден дел од болницата, која во иднина треба да им пружи на пациентите услови за лекување на кардиоваскуларните болести.

 

Според направените проценки на надлежното министерство, за реконструкција и адаптација на специјалната болница „Св. Еразмо“ е неопходно да се издвојат финансиски средства во износ од 215 милиони денари, односно над 3,4 милиони евра, без вклучен ДДВ. Целокупниот зафат треба да се реализира во временски период од две години. Пред да започне изведбата на градежните активности, Министерството за здравство треба да ја избере компанијата – изведувач на работите. За таа цел, заинтересираните субјекти треба да ги достават своите понуди најдоцна до 23 септември.

 

Специјалната болница за ортопедија и трауматологија „Св. Еразмо“ е лоцирана на самиот брег на Охридското езеро, во близина на градот. Иако е основана во 1950 година, одредени делови од постоечката зграда до денешен ден не се градежно комплетирани, додека на поголем дел од внатрешните болнички простории им е неопходна реконструкција.

 

 

Бојан Блажевски

bojan.blazevski@build.com.mk