Се бара чаре за дупките што во моментов зјаат на булеварот „Партизански одреди“. Градот Скопје распиша оглас за прибирање на понуди од компаниите заинтересирани за изработка на проект за реконструкција на оваа важна скопска сообраќајница, на потегот од крстосницата со улица „Рузвелтова“ до крстосницата со булевар „8-ми Септември“. Проценетата вредност на проектната документација изнесува 401.200 денари. Огласот е отворен за доставување на понуди најдоцна до 31 август.
Засега нема информации за временскиот период кога би можело да се очекува распишувањето тендер за избор на компанија што ќе го реализира реконструктивниот зафат. Градската власт во моментов му дава приоритет на продолжувањето на булеварот „Партизански одреди“ на потегот кон општина Ѓорче Петров, за што и се предвидени финансиски средства од тековниот буџет.
Реконструкцијата на булеварот „Партизански одреди“ низ населбите Карпош 1 и 2 е барање на граѓаните, кое редовно го доставуваат до Градот Скопје во изминативе години. Проблемот со деформацијата на асфалтот на коловозните ленти и со бројните дупки досега се решаваше единствено со крпење и делумна санација на коловозот. Жителите на овој дел од градот велат дека булеварот „Партизански одреди“ не е реконструиран веќе неколку децении наназад.
Текст, фото: Бојан Блажевски
bojan.blazevski@build.com.mk