Претходна статија
А.Д. „Карпош“ ќе ја гради пешачко - велосипедската патека во Марино
Следна статија
Обучени првите тренери за градење на енергетско ефикасни објекти

Се подготвува терен за изградба на пругата кон Албанија

Објавено на 01.10.2015 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Македонски железници – Инфраструктура го избра Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ од Скопје за да го ревидира основниот проект за пругата од Кичево до албанската граница. Рокот за реализација на ревизорските активности е 24 месеци, но очекувањата се дека ревидираната проектна документација за делницата долга 62,5 километри ќе биде завршена порано. На скопскиот универзитет за оваа услуга ќе му бидат исплатени 29,5 милиони денари.

 

* „Србиновски мост“ на железничката делница Гостивар-Кичево

 

И додека се ревидира основниот проект, конзорциумот од француската компанија „Луи Берже“ и шпанската „Тиса“ го изготвуваат изведбениот проект и дизајнот за изградба на пругата од Кичево кон границата со Албанија. Пругата ќе биде едноколосечна и електрифицирана, со брзина на движење на возовите од над 100 километри на час. За изградбата на оваа железничка делница досега не е оформена финансиска конструкција, од причина што самата проектна документација не е целосно комплетирана.

 

Крајниот рок за изградба на пругата од Кичево кон албанската граница е 2022 година. Капиталниот инфраструктурен проект треба да го прими патничкиот и товарниот сообраќај од Црното море, преку Бугарија, Македонија и Албанија кон Јадранското море. За разлика од северните делови на Балканскиот полуостров, земјите од неговиот јужен дел немаат ниту една железничка врска во правецот исток – запад.

 

 

Текст, фото: Бојан Блажевски

bojan.blazevski@build.com.mk