Околу 3,4 милиони евра ќе се потрошат за надградба на граничните премини Табановце кон Република Србија и Ќафасан кон Република Албанија. Македонската Царина избрала консултантска куќа која до крајот на годинава ќе ја подготви градежно – техничката документација за надградба на овие два фреквентни гранични премини. Со пари од ЕУ ќе се проширува терминалот за увоз и извоз на стока на граничниот премин Табановце со нови 4.000 метри квадратни и ќе се градат дополнителни придружни објекти. За оваа намена од европските ИПА фондови се обезбедени 1,9 милиони евра.
На граничниот премин Ќафасан ќе се изгради нов увозно – извозен царински терминал на површина од 9.500 метри квадратни со пристапни патишта, објекти за царинење и други пропратни објекти, а предвидена е и реконструкција на постоечките градби на преминот. За оваа намена предвидени средства во висина од 1,5 милиони евра. Со овие проекти ќе се забрза и олесни стоковата размена и ќе се забрза транспортот долж пан – европските Коридори 8 и 10.