Охриѓани ќе почекаат за изградба на ветениот затворен базен – неуспешно заврши првиот тендер за избор на фирма изведувач. Агенцијата за млади и спорт не избрала најповолен понудувач за изведба на објектот, по што е распишан втор тендер. Според тендерските услови, рокот за реализација на проектот е 30 месеци. Од државниот буџет за оваа намена е проценето дека ќе се потрошат финансиски средства во висина од 254.237.288 денари, односно околу 4,1 милиони евра без вкалкулиран ДДВ. Крајниот рок за доставување на понудите за учество на тендерот е 31 август, за кога е предвидено и нивното јавно отворање. Изведувачот на градежните работи најверојатно ќе биде објавен на почетокот од есента.
Новото спортско здание во Охрид ќе се простира на површина од 15.000 метри квадратни. Самиот базен ќе биде со димензии од 33 х 22 метри, а капацитетот на трибините треба да биде над 500 седишта. Првиот тендер за изградба на затворен пливачки базен во Охрид беше објавен на почетокот од јуни годинава.
Бојан Блажевски