Претходна статија
НАТО ветува реконструкција на 13 мостови, а заборави на автопатот Велес - Скопје
Следна статија
АДСДП огласува за продажба 105 станови во Скопје

Се нуди земјиште за изградба на спортско – рекреативни комплекси во Тетовско

Објавено на 19.04.2012 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Големи спортски објекти замислени како мултифункционални комплекси е предвидено да се градат во село Џепчиште, Тетовско. Министерството за транспорт и врски денеска објави оглас за давање под долготраен закуп за период од 99 години на градежно неизградено земјиште со намена за подигање на зданија за спорт и рекреација. На инвеститорите им се нудат три парцели со големина од 25.875, 10.358 и 1.940 метри квадратни, односно земјиште со вкупна површина од 38.173 метри квадратни. Покрај спортските содржини, заинтересираните субјекти ќе ја имаат можноста во 40% од објектот да вклучат и пропратни содржини, како што се големи трговски и угостителски единици, хотелски комплекси, мали деловни и комерцијални единици, деловни простори, простори за собир и за времено сместување и културни установи.

 

Најголемата градежна парцела има максимална површина за градење од 25.572 метри квадратни, а огромниот спортски комплекс е замислено да се издигне во висина до венец од 48 метри со приземје и 10 ката. Купувачите на другите две парцели ќе имаат можност да градат објекти со приземје и 2 ката на целото понудено земјиште. Нивната максимална дозволена висина до венец изнесува 15 метри. Почетната цена на електронската лицитација изнесува 180 денари за метар квадратен, а сите заинтересирани субјекти се должни да достават депозит за учество во износ од 500.000 денари за првата, 200.000 денари за втората и 40.000 денари за третата парцела. Пријавите за учество на јавното наддавање кое ќе се одржи на 28 мај треба да се достават до министерството најдоцна до 21 мај. Купувачите на земјиштето ќе имаат рок од 12 месеци за да го добијат потребното одобрение за градење. Спортско-рекреативните комплекси ќе треба да ги изградат најдоцна за 6 години.