Министерството за транспорт и врски продава осум градежни парцели за изградба на винарии во општина Кавадарци. Градежното земјиште е со вкупна површина од 20.269 метри квадратни, при што најголемата понудена парцела е со 4.681 метри квадратни, а најмалата е на површина од 1.458 метри квадратни. Почетната цена изнесува 283 денари за 1 метар квадратен, а крајниот рок за доставување на пријавите е 21 ноември. Јавното наддавање по електронски пат ќе се оддржи на 29 ноември во 12 часот на интернет страницата www.gradezno-zemjiste.mk.
Кон крајот на септември годинава надлежното министерство понуди 41 локација за изградба на објекти од ваков тип, со што во рок од 30 дена ова е втора објавена понуда на неизградено државно земјиште за идентична намена. Владините министри во неколку наврати најавија продажба на градежно земјиште во сопственост на државата за изградба на винарски визби, како поттик за развојот на т.н. вински пат во Кавадарци, Неготино и Демир Капија.
Бојан Блажевски