Претходна статија
Конзерватотско - реставраторски работи во битолската Јени џамија
Следна статија
Софија од денес домаќин на интересна саемска манифестација

Се крчка реконструкција на паркот Жена борец

Објавено на 10.03.2015 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Откако се поставија серија на споменици и скулптури од владиниот проект „Скопје 2014“, паркот Жена борец во центарот на Скопје ќе биде подложен и на реконструкција. Ќе се менува постоечкото осветлување со ново, а предвидено е и да се санира партерното уредување. Градот Скопје денеска го распиша огласот за избор на компанија што ќе го изготви основниот проект со вклучена ревизија за претстојниот реконструктивен зафат. Од градската каса за оваа намена е проценето дека ќе се одвојат 1 милион денари, без вклучен ДДВ. Заинтересираните фирми треба да ги достават своите понуди најдоцна до 23 март.

 

 

Откако ќе се изработи проектната документација, Градот Скопје ќе пристапи и кон избор на најповолен понудувач за изведба на градежните активности. Паркот Жена борец е една од локациите во централното градско подрачје што беше преплавена со нови споменици и скулптури. Со средствата на граѓаните во изминативе неколку години на овој простор свое место најдоа Прометеј, спомен – обележјето од првото заседание на АСНОМ, спомениците на македонските бранители, на основачите на ВМРО и на Кузман Јосифовски Питу, како и споменикот на „Паднатите херои на Македонија“.

 

Од Градот Скопје засега нема информација за временскиот период во кој би се извршила најавената реконструкција на паркот Жена борец, ниту пак има информации колкави финансиски средства од градскиот буџет би се потрошиле за оваа намена.

 

 

Бојан Блажевски