Претходна статија
Свечено отворена винаријата „Стоби“
Следна статија
Катна гаража под Кале

Се комплетира Спортскиот центар „Борис Трајковски“

Објавено на 05.07.2010 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Со промоцијата на нови спортски содржини, Спортската сала „Борис Трајковски“ неодамна беше ребрендирана во Спортски центар. Во таа пригода беа пуштени во употреба новата куглана, пинг-понг клуб, аеробик центар, сауна, фитнес центар и конгресен центар, а наскоро следува и збогатување на понудата со билјард клуб и картинг патека.


Носечка содржина на центарот претставува големата повеќенаменска сала која функционира од мај 2008 година. Салата овозможува организација на разни видови спортски натпревари, културни манифестации, концерти, митинзи и конгреси, а во зависност од типот на настанот има капацитет од 4.000 до над 10.000 посетители. Во рамки на центарот функционира и помала сала со капацитет до 470 гледачи за спортски натпревари и 1.000 гледачи за други настани.


Од минатиот месец проработи и најсовремена куглана со осум патеки, каде во септември треба е да се одржи Лига на шампиони во куглање. Во нејзин склоп има и кафе-бар за посетителите. Помеѓу новите содржини е и пинг-понг клубот, теретана и фитнес центар на површина од 300 метри квадратни, аеробик и пилатес центар, две сауни, како и конгресен центар со 140 седишта и капацитет до 350 лица за организација на коктели и кетеринг услуги. Во текот на август е предвидено отварање на билјард клуб, а за септември се најавува дека на еден од паркинзите ќе профункционира картинг патека. Исто така во фаза на подготовка е и елитен ресторан.


Изградбата на Спортскиот центар „Борис Трајковски“ започна во јуни 2004 година. Проектот го изработи „Мавровопроект“, а изведувач на работите беше „Мавровоинженеринг“. Во објектот се вградени 10.760 метри кубни бетон, 877 тони арматура, 500 тони челична кровна конструкција, 9.000 метри квадратни алуминиумски покрив и  2.650 метри квадратни стакло. На 35.000 метри квадратни околу салата има паркинг простор за 800 возила, 32 автобуси, 3 репортажни коли, како и ВИП паркинг. До 22 мај 2008 година кога беше официјално пуштен во употреба, во комплексот беа инвестирани вкупно 17 милиони евра. Во рамки на центарот влезе и соседниот постоечки базен „Младост“.


Форумска дискусија за овој проект » овде


Галерија:

###

###

###

###

###

###

###