ЈСП – Скопје потпиша договор со Градежниот институт „Македонија“ за изработка на проектната документација за доградба на Милениускиот крст и хортикултурно уредување на околната средина. Според написот во денешното издание на весникот „Дневник“, изведбениот проект ќе биде готов до крајот на март. Со доградбата Милениумскиот крст ќе го добие планираниот ресторан, заедно со неопходната водоводна и канализациона мрежа, и ќе се заменат постоечките светилки на со ново енергетски ефикасно осветлување. Во согласност со урбанистичкиот план, од левата и од десната страна на објектот е предвидено парковско зеленило, а за потребите на посетителите ќе се постават и тоалети.
* Покрај со жичарницата, кај ЈСП – Скопје постои волја и за управување со Милениумскиот крст
За изработка на проектната документација се одвоени милион денари или 16.207 евра. По завршувањето на оваа фаза, ЈСП – Скопје, во соработка со градската власт и Министерството за транспорт и врски, ќе треба да одлучат кој ќе раководи со Милениускиот крст во иднина. Од јавното сообраќајно претпријатие велат дека имаат добра волја за стопанисување со овој објект. Во претстојниот период треба да се распише и јавниот повик за избор на компанија што би вложила во отворање на планираниот угостителски објект на врвот на Водно. Милениумскиот крст беше изграден во 2002 година, врз основа архитектонското решение на Јован Стефановски – Жан и Оливер Петровски. Во изминативе неколку години беше монтиран лифтот за панорамско разгледување на Скопје и беше застаклен просторот наменет за ресторан и дуќани.