Германската компанија „Маркварт“ (Marquardt GmbH) почна со изградба на фабрика во новата индустриска зона „Караслари“ близу Велес. Инвестицијата е проценета на 35 милиони евра и треба да се реализира до првиот кваратал од 2015 година. Индустрискиот капацитет ќе никне на парцела од 15.000 метри квадратни. Се најавува дека ќе бидат вработени 600 лица, кои ќе произведуваат електронски делови за врвни автомобилски брендови како Мерцедес, Ауди и БМВ. „Marquardt GmbH” е основана во 1925 година, досега има отворено фабрики во девет земји и вработува повеќе од 7.000 лица.
Ова е прва инвестиција во велешката индустриска зона „Караслари“. Зоната се наоѓа околу 4,5 километри југоисточно од Велес, близу клучката кај мотелот „Македонија“ и се простира на површина од 24,5 хектари. Предвидено е во неа да се развиваат следните дејности: производство, дистрибуција, сервиси.