По повеќе од три години од почетокот на изградбата, Општина Гевгелија наскоро планира да го заврши новиот градски пазар. Како што соопштуваат градските власти, во моментов привршуваат градежните активности од втората фаза на проектот. „По завршувањето на оваа активност од втората фаза ќе остане само уште покривањето на трите пазарни хали со што ќе се оформи ликот на новиот градски пазар. Во третата завршна фаза предвидено е комплетно уредување на околниот простор со придружни објекти, паркинг простор и голем супермаркет кој ќе биде негов составен дел“ вели гевгелискиот градоначалник Иван Франгов.
Новиот градски пазар во Гевгелија ќе се простира на површина од 5.888 метри квадратни. Локалните власти во проектот инвестираат 60 милиони денари. Втората фаза од неговата реализација ја изведува фирмата „Техноимпекс“ од Скопје, додека на првата етапа од проектот работеше „Бауер БГ“ од Скопје.