Министерството за транспорт и врски објави јавен повик за изработка на шест идејни решенија за изградба на објекти со намена за индивидуално домување. Архитектонските трудови во најава се предвидени за типски куќи со големина од 50, 70, 90, 110, 130 и 200 метри квадратни. Заинтересираните архитекти и архитектонски бироа се должни да ги достават своите авторски дела најдоцна до 16 март. Првата награда за најдоброто идејно решение е во висина од 100.000 денари, авторот на второнаградениот труд ќе се стекне со 40.000 денари, додека третата награда е во вредност од 20.000 денари. Министерството дополнително може да откупи уште најмногу три други трудови во висина од по 10.000 денари. Изборот ќе го врши жири – комисија во состав: Борче Размоски, Иванка Дуковска и Божин Ложанкоски.
Од надлежното министерство посочуваат дека изработката на идејни решенија за типските куќи на граѓаните ќе им заштеди средства во износ од 900 до 2.500 евра. Покрај субвенционирањето по тој основ, важно е дека со оваа мерка се намалуваат и роковите за вадење на одобренија за градење. Покрај новите шест идејни решенија, Министерството за транспорт и врски во моментов на граѓаните им нуди готови проекти за типски куќи со површина од 60, 80, 100, 120 и 180 метри квадратни. Проектната документација може да се подигне од веб – страницата на ова министерство, или пак, директно во нивните простории.