Иако требаше да биде пуштен во употреба во првото тримесечје од 2012 година, изведбените активности врз објектот на некогашна „Југобанка“ во центарот на Скопје [»мапа] сеуште не се завршени. Словенечката компанија „Енергоплан“ не успеа да го реализира проектот во предвидениот рок, поради што договорот со нив веќе е раскинат. Министерството за финансии денеска го објави новиот оглас за избор на најповолен понудувач за доградба на објектот со површина од 14.000 метри квадратни. Идниот изведувач треба да ги комплетира градежните, градежно – занаетчиските и инсталатерските работи, како и внатрешното и надворешното уредување на зградата.
Понудите од страна на градежните компании треба да се достават најдоцна до 30 јануари. Надлежното министерство ќе користи електронска аукција како последна фаза од изборот на најповолен понудувач, а главен критериум за избор ќе биде најниската цена за изведување на активностите. Покрај првичната проектна документација изработена од „Македонијапроект“, инвеститорот склучи договор и со „Неимар инженеринг“ од Скопје за изработка на нов основен проект. Идното административно здание ќе има 11 ката и во него ќе се смести Министерството за финансии, вклучувајќи ги Управата за имотно – правни работи, Државниот девизен инспекторат и Бирото за јавни набавки.