Претходна статија
Новите урбанистички планови во Центар се незаконски донесени?
Следна статија
Општина Центар додели 780 субвенции за купување велосипеди

Се бара барок за нови објекти на улицата „Димитрие Чуповски“

Објавено на 21.07.2014 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Градот Скопје распиша Конкурс за избор на идејно решение за реконструкција на фасади на постојните објекти со број 22 – 24 на улицата „Димитрие Чуповски“ во строгиот центар. Домашните и странски архитекти ќе можат да ги достават своите трудови, кои треба да ги задоволат следниве критериуми: целосно почитување на програмските барања, изводливост и одржливост, инвентивност во пристапот на обликување, економичност на решението и задоволување на сите прописи и нормативни акти за проектирање и реконструкција на фасади. Иако се работи за објекти во строгиот центар на Скопје, во повикот не се обелоденуваат членовите на жири – комисијата што треба да го избере најдоброто идејно решение, ниту пак се планира организирање на архитектонска изложба за претставување на пристигнатите трудови пред пошироката јавност.

 

Авторите треба да ги достават своите идеи најдоцна до 1 септември во просториите на Град Скопје. За најдобро рангираното решение, предвидена е прва награда во нето – износ од 75.000 денари. По завршувањето на Конкурсот, ќе се спроведе постапка за изготвување на основен проект врз основа на првонаградениот архитектонски труд. Градската власт само во текот на оваа година планира да потроши 2,32 милиони евра во изведба на барокни фасади во централното градско подрачје, и тоа на плоштадот „Македонија“, улица „Македонија“, улица „Никола Вапцаров“ и улица „Димитрие Чуповски“.