Опозицискиот Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДСМ) планира повторно да ја стави во функција термоелектраната „Неготино“, која подолг временски период се чува како „ладна резерва“ за македонскиот енергетски систем. Опозиционерите на вчерашната трибина во Неготино ја претставија оваа идеја во рамките на партиската програма посветена на енергетиката. Претседателот на Комисијата за енергетика Митко Андреевски пред граѓаните на Неготино го претстави проектот за рестартирање на ТЕ „Неготино“.
„Планираме рестарт на ТЕЦ „Неготино“ што ќе придонесе кон реални вработувања и поевтина струја. Топлинската енергија која што покрај електричната енергија ќе се произведува од повторното пуштање во погон на ТЕЦ Неготино, ќе ја искористиме продуктивно и ефикасно, за индустриски капацитети со поддршка од државата, како што се оранжерии, односно раноградинарско производство, конзервна индустрија, сушара за земјоделски производи и разладни комори, со единствена цел овој земјоделски крај повторно да заживее. Исто така, производството на електрична енергија во ТЕЦ Неготино ќе го намали увозот на струја“, посочи Андреевски.
Најновиот план на опозицискиот СДСМ за искористување на капацитетите на ТЕ „Неготино“ доаѓаат по еден месец од распишувањето на нов повик за изработка на префизибилити студија за нова термоелектрана во Неготино. Планот на државната компанија Електрани на Македонија е да се изгради друг енергетски капацитет што ќе го користи јагленот од околните наоѓалишта. Неготинската термоелектрана претставува енергетски објект што со години не произведува електрична енергија, и покрај тоа што со неговата моќност од 215 мегавати е трет електроенергетски капацитет по големина во Македонија.