Претходна статија
Патувањето со воз за Ниш, Белград, Загреб и Љубљана со специјални попусти
Следна статија
Кочани бара приватен инвеститор за изградба на СПА-центар

СДСМ ќе побара од Градот Скопје да се прекине изградбата на Панорамското тркало

Објавено на 19.07.2017 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

Опозициската советничка група на СДСМ и коалиционите партнери на утрешната седница на Советот на град Скопје ќе побара прекин на инвестициските зафати за изградба на Панорамското тркало во центарот на Скопје. Ова здание од проектот „Скопје 2014“ чини најмалку 18,3 милиони евра и се гради веќе неколку години наназад. Објектот е вкопан во самото корито на реката Вардар и опасно го намалува протокот на вода во текот на сиот претходен период. Темелите на Панорамското тркало се наоѓаат во самата река Вардар. Иницијативата на СДСМ доаѓа по граѓанскиот револт од изградбата на Панорамското тркало, кој во изминативе години се изрази преку протести и организирање на он-лајн петиција на граѓаните.

 

 

На електронската петиција за стопирање на изградбата на Панорамското тркало во текот на изминатава пролет се потпишаа над 7.800 граѓани. Оваа иницијатива беше испратена до скопскиот градоначалник Коце Трајановски. Од СДСМ во неколку наврати посочија дека изградбата на Панорамското тркало претставува нерационално трошење на парите на граѓаните. Социјалдемократите постојано бараат да се пренаменат овие средства на Градот Скопје кон други поприоритетни проекти. На утрешната седница на Советот на град Скопје ќе се знае финалниот одговор на градската власт во однос на ова барање на опозицијата.

 

„Барокниот“ објект во центарот на Скопје веќе неколку години наназад го гради фирмата „Бетон“ од Скопје. Темелите на објектот веќе се изведени, а во моментов се поставува конструкцијата што треба да ја премости реката Вардар. Засега е непознато во која фаза од изработка се деловите на Панорамското тркало, кои во наредната етапа од проектот ќе треба да се склопуваат на самата локација.

 

Панорамското тркало треба да има дијаметар од 57 метри и висина од 73 метри. На тркалото би се поставиле 30 кабини во форма на гондоли со носивост од 750 килограми. Проектот го изработи австриската фирма „a2 Hotelconcept GmbH“, додека идејното решение е дело на „Massabni architects GmbH“ од Виена.

 

 

» Форумска дискусија за овој проект