Претходна статија
Уште една зграда од улица „Македонија“ ќе се прекрие со „барок“
Следна статија
Почнува проектот за унификација на излозите во Скопската чаршија

СДСМ: Државата да покрива 50% од комуналиите за изградба на куќа

Објавено на 18.12.2015 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Социјалдемократскиот сојуз на Македонија денеска пред јавноста излезе со идеја од нивната нова програма за помагање на граѓаните што планираат да градат нова куќа. Благој Бочварски, претседател на Комисијата за транспорт и врски на СДСМ, истакна дека нивната идеја е државата да ја поддржи изградбата на индивидуални куќи со површина до 150 метри квадратни преку подмирување на 50% од трошоците за комунален надоместок. Според опозициската партија, на тој начин би се субвенционирале граѓаните со средства во висина до 9.000 евра.

 

„Оваа мерка важи за сите граѓани без разлика на нивната возраст, без разлика дали се вработени или не се, без разлика дали се кредитоспособни или не се и колкава плата примаат. Субвенцијата што ја планираме за покривање на 50 проценти од комуналните трошоци за граѓаните ќе биде голема и реална помош. Ако се тргне од тоа дека вредноста на комуналниот надоместок е од 20 до 120 евра за метар квадратен, тоа значи дека на секој граѓанин ќе му помогнеме да плати помалку за комуналии од 1.500 евра до 9.000 евра“, истакна Бочварски.

 

Од СДСМ најавуваат дека со новата програма ќе им помогнат на граѓаните кои имаат потреба од свој дом, а не се во можност да подигаат станбени кредити. Според оваа партија, со субвенционирање на комуналните трошоци ќе им се помогне на невработените лица, граѓаните кои не се кредитоспособни и оние лица кои се во долгови.