Потпретседателот на СДСМ, Дамјан Манчевски од тетовската општина Јегуновце денес побара 18-те милиони евра наменети за Панорамското тркало во Скопје да се пренасочат кон регулирање на коритото на реката Вардар на неколку локации. Тој ги посочи селата Раотинце, Копанце, Јегуновце и Туденце како места на кои постојано доаѓа до излевање на реката Вардар. „Согласно проектот, за да се санира речното корито на Вардар во општина Јегуновце, потребни се 6,5 милиони евра. Со оваа санација трајно ќе се заштитат домовите и нивите на луѓето“ истакнува Дамјан Манчевски.
Покрај за општина Јегуновце, опозициските социјалдемократи бараат средства од Панорамското тркало да се распоредат за санација на коритото на реката Вардар и на други локации низ земјава. Како што посочува Манчевски, идната власт на СДСМ ќе започне голем инвестициски циклус во инфраструктурата, одвојувајќи 10 милиони евра годишно за системи за наводнување и одводнување. Од СДСМ укажуваат дека за четири години би се зголемил процентот на села кои имаат систем за одведување на отпадни води од сегашните 18% на 40%.