Скопската општина Сарај е во потрага по приватен партнер за инвестирање во модернизација, проширување и одржување на јавното осветлување на нејзина територија. Денеска е распишан повик за воспоставување на јавно – приватно партнерство, кој предвидува приватна компанија да го добие под концесија јавното осветлување за временски период од 13 години. Во текот на овие години, концесионерот ќе треба да инвестира во поставување на нови енергетски ефикасни светилки, но и да ја прошири постоечката инфраструктурна мрежа. За возврат, тој ќе ги добие сегашните финансиски средства на општината што се одвојуваат за оваа намена. По истекување на концесискиот договор, општина Сарај повторно ќе ја добие во владение мрежата на јавно осветлување.
Проценетата вредност на договорот е 75.394.941 денари (околу 1,2 милиони евра), без вклучен ДДВ. Заинтересираните домашни и странски компании треба да ги достават своите понуди за учество на повикот најдоцна до 10 септември, за кога е закажано и нивното јавно отворање. Граѓаните на општина Сарај во моментов се соочуваат со големи проблеми поврзани со уличното осветлување, бидејќи во голем дел од селските средини тоа речиси и да не постои. И во населеното место Сарај навечер се осветлени единствено поголемите сообраќајници, додека приодите кон помалите улици и патеките се наоѓаат во целосен мрак.
Бојан Блажевски