Претходна статија
Арачиново доби канал за отпадни води
Следна статија
Ќе се реконструира железничкото депо „Лисиче“

Сања Раѓеновиќ Јовановиќ: ГТЦ е убава вистина повеќе од 40 години

Објавено на 21.03.2015 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Претседателката на Асоцијацијата на архитекти на Македонија (ААМ), Сања Раѓеновиќ Јовановиќ, со отворено писмо до јавноста уште еднаш повикува на разум во намерата на власта, Градскиот трговски центар да се „барокизира“. Во објавеното писмо таа наведува:

 

„Зборот архитект на светските јазици има само едно, разбирливо универзално значење на слободна филозофско – естетска порака, функционално и технички стручно издржана. Архитект во формирање на сликата на еден град е генерал, а сите други се војници. Затоа архитектите го поставуваат прашањето има ли право некој да ја менува архитектурата освен архитектите? Има ли право некој да ја нарачува архитектурата на метри квадратни? Има ли право некој да диктира и да условува архитектонско обликување?

 

#Секако дека во капиталното архитектонско творештво на еден град државата игра улога, точно е дека државата и се меша. Тоа не е страшно доколку се покаже доблест, здрав разум, умеење, образованост, почитување на стручност да се повикаат професионалци да го реализираат предвиденото. Да не должам многу, само ќе повторам на кратко. Во времето кога се создавал ГТЦ градоначалник бил Трајко Стојков, ентузијаст, доволно мудар да послуша, доволно храбар за пресметан позитивен ризик и доволно образуван да почитува. Затоа е распишан меѓународен конкурс за централното градско подрачје, меѓународно жири ги вреднувало трудовите, водено од Ернест Вајсман, како претставник на Обединети нации. ГТЦ како визија произлегува од усвоената варијанта. Идејниот проект за нашиот ГТЦ е второнаграден на општ југословенски конкурс на кој се пристигнати 23 решенија.

 

Изградбата на ГТЦ почнува на 1 мај 1969 г. „комуњарски“, централниот дел е завршен на 29 ноември 1972 г., пак „комуњарски“ датум. 1973 г. свечено е отворен со присуство на Претседателот на СФРЈ, уште еден „комуњар“.

 

Сопственик на ГТЦ до 1996 г. е ЈП за станбен и деловен простор кое во 1996 г. го формира АД ГТЦ за издавање и продажба на деловен простор. Денес директор Аго Абазовски. Вкупната нето површина на деловните трговски единици изнесува 47.229 м2 или 546 деловни единици од кои 35.893 м2 или 465 деловни единици се продадени, што значи од вкупната деловна квадратура на објектот 80% е приватна сопственост. АД ГТЦ е доминантен сопственик затоа што како негова сопственост се сметаат заедничките содржини и пешачките коридори во објектот.

 

Бидејќи Скопје е град на солидарноста во неговата обнова и финансирање учествувал светот. ГТЦ е дел од таа солидарност. Ако го прашаме светот дали да остане ГТЦ автентичен дилема нема, одговорот е ДА. Затоа што е светски, затоа што со својата архитектура е актуелен и во 21 век. Направен е дваесетина години по Втора светска војна. Што сакаме да му направиме денес дваесетина години по осамостојување. Каде тоа залутавме? Вистинското прашање е имаме ли право да го менуваме? Потребата од референдумот е само резултат на игнорирање на стручната јавност, непочитување, потценување на квалитет. Начин да се покаже дека постојат луѓе кои умеат да вреднуваат, ценат, кои разбрале. На вистинска архитектура не и е потребно да се раскажува и да се докажува кој е во право. Во архитектурата постои само една и единствена вистина, а тоа е изградениот објект. ГТЦ е убава вистина повеќе од 40 години. Кој не разбрал до сега нема ни да разбере, бидејќи не може и да сака.

 

А за тоа кој финансирал, кој приватизирал. Кој го направи „Скопје 2014“ како на своја селска ливада и кого праша за тоа. Како тоа што е наше стана негово. Тоа е некоја друга мачна тема“, вели на крајот од отвореното писмо претседателката на ААМ, Сања Раѓеновиќ Јовановиќ.