Претходна статија
Граѓаните против изградба на викенд - населба во Лазарополе
Следна статија
Силен раст на предвидените станови за градење во декември

Русинот Самсоненко ќе го гради спортскиот комплекс во Градски парк

Објавено на 05.02.2015 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Примамливата градежна парцела до Националната арена „Филип II“ во Градскиот парк ја купи фирмата СИС Балкан ДОО од Скопје, чии основачи се рускиот бизнисмен Сергеј Самсоненко и неговата сопруга Ирина. По цена од 2.420 денари за метар квадратен, тие пред два дена ја купија градежната парцела со површина од 14.100 метри квадратни, соопштија денеска од Министерството за транспорт и врски. Од фудбалскиот клуб „Вардар“ информираат дека ќе се гради фудбалска Академија за дечиња до 12 години, односно спортски комплекс со 3 фудбалски игралишта, соблекувални, кафетерија, музејска поставка, предавални и канцелариски простор.

 

 

На продажбата на градежното земјиште денеска реагираше градоначалникот на општина Центар Андреј Жерновски. Тој бара да се исполни должноста за пренесување на неизграденото градежно земјиште во владение на локалната самоуправа. Целокупната документација за овој чекор е поднесена до Министерството за транспорт и врски на 17 февруари 2014 година, а општина Центар испратила дополнителна ургенција на 5 септември истата година. Градоначалникот Жерновски вели дека поднесениот документ е легитимно донесен од Советот на општина Центар со едногласна одлука на советниците.

 

Првиот човек на општина Центар говореше и за цената по која е продадена градежната локација. „Оние од власта, кои што се претставуваат како патриоти и домаќини, ја продадоа атрактивната парцела помеѓу арената Филип II и Паркот на Франкофонијата во Градскиот парк за 40 евра по метар квадратен“, истакна Жерновски.

 

На изнесените тврдења од локалната самоуправа, со своја реакција се јавија и од Министерството за транспорт и врски. Тие наведуваат дека практикуваат транспарентна постапка при продажба на градежното земјиште, воедно нагласувајќи дека секоја постапка реализирана преку електронскиот систем за јавно наддавање е максимално транспарентна и е согласно со законските прописи.

 

Со свое соопштение денеска излегоа и од фудбалскиот клуб „Вардар“. Изјавите на градоначалникот на општина Центар ги именуваат како небулозни. „Би сакале да го запрашаме градоначалникот дали изградба на Академија за дечиња до 12 год., прва од ваков тип на овие простори значи раскрчмување на државниот капитал“, велат од овој клуб. Оттаму наведуваат дека во текот на утрешниот ден ќе ги демантираат обвинувањата на градоначалникот Жерновски, но и дека ќе го презентираат проектот за фудбалската академија.

 

Во морето од разновидни информации пласирани во текот на денешниот ден, општина Центар реагираше со уште едно соопштение, во кое истакнуваат дека не се против изградбата на спортски терени на нивната територија. Оттаму единствено бараат одговор на прашањето за враќање на државното земјиште во владение на граѓаните и општината.

 

 

Бојан Блажевски