Претходна статија
ИЗИИС го одбележува 50 - годишниот јубилеј од основањето
Следна статија
Меѓународниот и меѓуградскиот превоз во подем

Русија ѝ го нуди гасоводот „Тесла“ на Македонија

Објавено на 19.08.2015 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Рускиот дневен весник „Вједомости“ денеска излезе со информации дека Руската Федерација на балканските земји ќе им го понуди гасоводот „Тесла“ како продолжение на гасоводот „Турски тек“, кој би се градел од турско – грчката граница до гасниот јазол Баумгартен во Австрија. Министрите за надворешни работи на Македонија, Србија, Унгарија и Грција во септември би требало да потпишат меморандум за изградба на гасоводот „Тесла“. Со овој документ, балканските земји ќе го потврдат своето учество во натамошните фази од реализацијата на крупниот гасоводен проект.

 

 

 

Проценките на московски „Вједомости“ се дека гасоводот „Тесла“ ќе биде со должина од 1.300 до 1.400 километри, а неговиот капацитет би изнесувал 27 милијарди кубни метри гас годишно. Реализацијата на големиот инфраструктурен зафат би чинела од 4 до 5 милијарди евра и би завршила до 2019 година. Во лиферуваните информации се наведува дека Грција ќе ја задржи можноста да изгради еден крак од гасоводот кон Италија. Во прилог на овие планови се информациите дека капацитетот на гасоводот „Турски тек“ е 63 милијарди метри кубни гас годишно.

 

Од земјите во регионов, досега Турција и Грција изразија подготвеност за учество во крупниот инфраструктурен проект на Руската Федерација. Грчкиот министер за енергетика Панајотис Лафазанис неодамна изјави дека цената на грчкиот дел од гасоводот „Турски тек“ ќе изнесува околу 2 милијарди долари. Грција потпиша меморандум за реализација на проектот „Турски тек“ на неодамна одржаниот Петербуршки меѓународен економски форум.

 

Воедно, турскиот министер за енергетика и природни ресурси Танер Јилдиз денеска соопшти дека на руската страна и доставиле нацрт – договор во врска со гасоводот „Турски тек“ и дека Турција очекува одговор, јавуваат светските медиуми. За изградба на четири делници од овој проект е предвидено да се потрошат 11,4 милијарди долари.