Претходна статија
„Фибула ер травел“ излезе со детали за хотелот што ќе го гради кај Билјанини извори
Следна статија
Ќе се легализираат огромен процент од дивоградбите

Рокот за легализација измина, казни на повидок за ескиваторите

Објавено на 04.09.2011 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Заврши првата фаза од спроведувањето на Законот за бесправно изградените објекти. 3 – ти септември претставува крајниот рок за поднесување документи за легализација на дивоградбите, процес што се одвиваше во рамките на изминативе 6 месеци. Од понеделник започнува втората фаза која предвидува теренска работа на општинската администрација за утврдување на фактичката состојба на дивоградбите, процес кој ќе потрае поради огромниот наплив на барања на самиот крај од шестмесечниот законски период. Според информациите од општинските власти, граѓаните ги искористија последните денови пред крајниот датум за поднесување барање за легализација на објектите. Очекувањата се вкупно да бидат поднесени над 300.000 барања, што значи дека висок процент од дивоградбите во земјава ќе се легализираат.

 

За оние кои не поднеле барање се предложени високи казни во износ на три проценти од вредноста на објектот со предложените измени и дополнувања во Законот за градба, кои веќе се доставени во Собранието. Дополнително, законските акти дозволуваат рушење на дивоградбите на сопствениците кои не го испочитувале рокот за доставување на документи. Според последните информации од Министерството за транспорт и врски, до 1 септември се поднесени вкупно 270.602 барања, а целокупниот процес на легализација е завршен за 6.200 случаи. Најмногу барања се поднесени во скопските општини и поголемите градови во земјава, а помал е интересот за легализација на објектите во помалите општини во кои досега не постоеја изготвени урбанистички планови.

 

 

Бојан Блажевски