Претходна статија
Сергеј Самсоненко и општина Аеродром ќе градат тениски центар
Следна статија
Во Куманово отворен реконструираниот Занатски дом

Ревизорите со остри забелешки за изградбата на автопатите Кичево – Охрид и Скопје – Штип

Објавено на 29.12.2016 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Изградбата на автопатите се одвива со бавно темпо, има доцнење на градежните работи и на финансиската реализација на планираното и договореното. Државниот завод за ревизија излезе со остри забелешки за изградбата на делниците Кичево – Охрид и Миладиновце – Свети Николе – Штип во најновиот извештај за извршената ревизија на финансиските извештаи на Јавното претпријатие за државни патишта за 2015 година. „За автопатот Миладиновци – Свети Николе-Штип, согласно досегашната динамика на градење и реалната финансиска реализација која е околу 26% од вкупната вредност на Договорот, постои ризик изведувачот да не го запази договорениот краен рок за завршување на Проектот, предвиден за 1 мај 2017 година“ се наведува во Ревизорскиот извештај.

 

 

Ревизорите даваат речиси идентична формулација и за вториот проект финансиран од Кина: „За автопатот Кичево – Охрид, согласно досегашната динамика на градење и реалната финансиска реализација која е околу 19,16% од вкупната вредност на Договорот, постои можност изведувачот да не го запази договорениот краен рок за завршување на Проектот, предвиден за 29 јануари 2018 година“. Покрај доцнењето на активностите за изградбата на овие два автопатишта, од Државниот завод за ревизија се сомневаат дека на кинеската компанија „Синохидро“ во 2015 година им биле исплатени за 13,6 милиони евра повеќе од договореното, а истата тенденција продолжува и годинава. Причината за ова се курсните разлики.

 

Иако вкупниот промет од изградбата се одвива на територијата на нашата земја, само 10% од обврските се исплаќаат во македонски денари, додека останатата сума се плаќа во американски долари. Од друга страна, вредноста на договорот се евидентира во евра, а пресметката на обврските од евра во американски долари е врзана со девизен курс од 1 февруари 2013 година. Плаќањето на задолженијата кон Кинезите во долари се врши по продажен курс кој важи на денот на исплатата. „Во 2015 година, вкупниот износ на таканаречените „негативни курсни разлики“ се евидентирани на трошок и истите за двата проекта изнесуваат вкупно 840.963 илјади денари“ се вели во ревизорскиот извештај.

 

Од Државниот завод за ревизија бараат да се направи корекција на вредноста на двете инвестиции, а меѓусебното усогласување на побарувањата и обврските меѓу ЈП за државни патишта и кинески „Синохидро“ да се врши најмалку еднаш годишно. Во резимето на целосниот извештај, ревизорите нагласуваат дека самата ревизија не може да даде мислење за реалноста и објективноста на финансиските извештаи за 2015 година. „Според наше мислење, поради значењето на прашањата изнесени во точките 4.2. погоре, активностите, финансиските трансакции и информации, рефлектирани во финансиските извештаи на ЈП за државни патишта, не се во согласност со релевантната законска регулатива, упатства и воспоставени политики“ потенцираат ревизорите.

 

Автопатите Кичево – Охрид и Миладиновци – Свети Николе – Штип се градат веќе трета година по ред. Делницата во западниот дел од земјава е со должина 57 километри и е со првична вредност од 374 милиони евра. Вториот автопат, во источна Македонија, е долг 47 километри и има првична вредност од 206 милиони евра. Двата проекта се финансираат преку кредит од кинеската Ексим банка.