Претходна статија
„Конти - хидропласт“ ќе гради нови 14 километри од гасоводната мрежа во Струмица
Следна статија
Градската болница ќе добие нов објект на местото на Мајчин дом во Аеродром

Ревизорите открија хаос при изградбата на скулптуралната композиција на Мајка Тереза

Објавено на 01.06.2018 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

 

Државниот завод за ревизија откри нови неправилности при изградбата на скулптуралната композиција на Мајка Тереза на плоштадот „Македонија“ во Скопје. Ова обележје било вцртано во ДУП „Мал Ринг“ со намена В3 – култура, иако овој објект не припаѓа на ниту една специјална градба утврдена со оваа шифра за намена. „Шифрата на намена В3 – култура ги опфаќа сите видови дејности кои се одвиваат во специјални градби како што се театри, кино сали, музеи, галерии, кинотеки, домови на културата, филхармонии, опери и слично“ се наведува во Конечниот извештај на овластениот државен ревизор за усогласеноста на сметката на Министерството за култура за 2016 година.

 

 

Но, неправилностите при реализацијата на скулптуралната композиција на Мајка Тереза не завршуваат тука. Ова министерство распишало конкурс за избор на идејно решение за изработка на обележјето со доделување на награди и како дел од постапка за доделување на договор за јавна набавка на услуги за изработка на идејното решение, што всушност претставува комбинација од две постапки. Протнувањето низ таканаречена легална постапка на ова здание од „Скопје 2014“ продолжило и при неговата изведба на терен.

 

Ревизорите откриле дека исплатата за изградба на скулптуралната композиција на Мајка Тереза била предвидена од програмата за заштита на културно наследство, односно од ставката други градежни објекти. Ваквата исплата не одговара на намената утврдена со оваа програма. „Со тоа се врши несоодветна исплата бидејќи парите не се наменети за заштита на културно наследство, туку за изградба на објект преку кој ќе биде претставен животот и делото на Мајка Тереза“ се наведува во Ревизорскиот извештај.

 

Претходната влада за споменикот на Мајка Тереза во центарот на Скопје издвои 5,6 милиони евра од државниот буџет. Новиот министер за култура Роберт Алаѓозовски ја стопираше изградбата на оваа скулптурална композиција и најави дека недовршената градба ќе се пренамени во фонтана. За оваа градба од „Скопје 2014“ своја препорака даде и работното тело за ревизија на проектот „Скопје 2014“ при Министерството за култура. Во моментов оваа недовршена градба од 621 метри квадратни зјае напуштена во самиот центар на Скопје, чекајќи ја конечната одлука за нејзината судбина од постојната власт.

 

 

Бојан Блажевски

bojan.blazevski@build.com.mk