Претходна статија
Перформансот „Кога зградите би зборувале“ в недела во Железничката зграда
Следна статија
Втор јавен повик за субвенции за купување печки на пелети

РЕПОРТАЖА: Рапидниот развој на метрото во Софија

Објавено на 26.11.2018 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

Во периодот додека Македонија се занимава самата со својата неспособност и непостоење на стратегија за развој на главниот град, на стотина километри од Скопје веќе години наназад се развива еден од најголемите инфраструктурни проекти во овој дел од Европа – софиското метро. Бугарија во изминативе 20 години успеа да изгради 40,3 километри од метрото во бугарската метропола, распределени на две метро линии што ги поврзуваат најважните точки во градот – центарот на Софија, аеродромот, железничката станица и автобуската станица. Веќе во 2019 година, предвидено е да се пушти во употреба и првата секција од третата метро линија. Догодина, софиското метро ќе се протега на 48 километри, со 43 метро станици и вкупен удел во превозот на патници во градскиот транспорт од 40%.

 

 

Успешната приказна за развојот на софиското метро немаше да биде остварена без кохезионите фондови на Европската Унија. Историските податоци велат дека Софија е еден од ретките милионски градови во Европа што не успеал да го развие метро системот во текот на дваесеттиот век. Првите проучувања за изградба на овој масовен вид транспорт започнале во 60 – тите години на минатиот век. Проектирањето на софиското метро стартувало во 1973 година, кога е создадена специјализираната проектантска фирма „Метропроект“. Изградбата на западниот радиус на линијата 1 датира од 1979 година.

 

Во периодот на комунизмот и општествените промени во Бугарија, изведбата на софиското метро се одвивала со исклучително споро темпо. Меѓу 1979 и 1998 година, годишно се градени, во просек, по 0,4 километри од планираната траса. Три децении по првичните планови за развој на метрото, бугарската метропола ги добива првичните 6,5 километри и 5 метро станици на 28 јануари 1998 година. Дваесет години подоцна, софискиот метрополитен го прослави својот роденден со беспрекорен учинок – подземната мрежа е проширена за седум пати, додека превозот со метро постепено постанува главно средство за транспорт во бугарската метропола.

 

 

Во согласност со изработените проекти од 70 – тите години на минатиот век, софиското метро би имало вкупна должина од 68 километри, распределени на три линии, со 63 метро станици. Трите диаметрално трасирани линии се пресекуваат во форма на триаголник во централното градско подрачје. Замислата на градските власти е софиското метро во иднина да превезува дури 60% од вкупниот број на патници.

 

Најголем дел од овој капитален инфраструктурен проект се гради по влегувањето на Бугарија во Европската Унија. Во периодот меѓу 2009 и 2012 година се издигнати 12,8 километри од првата и втората етапа за проширување на софиското метро, додека во наредните три години се завршуваат дополнителни 7,7 километри. Просечното темпо на градење на овој проект во тој период достигнува над 3 километри по година. Стручните податоци покажуваат дека еден километар од софиското метро се градел по просечна цена од 17 милиони евра кај подземната траса, односно 11,4 милиони евра во делот на надземната траса на метрото.

 

 

Возниот парк на софиското метро е составен од релативно нови метро возови. Поаѓајќи од спорото темпо на градење во периодот на општествени промени, првите советски метро возови се произведени за Софија во 1990 година. Овие 12 метро возови се вклучени во експлоатација со пуштањето во употреба на првата метро линија во 1998 година. Во втората тура на набавки, бугарските власти повторно го избираат рускиот производител „Метровагонмаш“ за набавка на 40 метро возови, кои сукцесивно се доставени во периодот од 2005 до 2013 година. За идната трета линија, 10 – те порачани метро возови од марката „Сименс Инспиро“ ќе ги достави германскиот производител „Сименс“.

 

 

Во бугарскиот главен град во моментов се гради првата етапа од третата метро линија, на потегот од булеварот „Владимир Вазов“ до населбата „Красно село“. Станува збор за 8 метро станици што ќе бидат достапни за превоз на патници веќе во 2019 година. Метро возовите за оваа линија веќе почнаа да пристигнуваат во текот на изминатово лето, така што градските власти подготвено ќе го дочекаат отворањето на третата линија од метрото. Втората и третата етапа од оваа линија ќе треба да се градат по 2020 година, при што за нив не се обезбедени финансиски средства. Сепак, очекувањата се дека Европската Унија, преку новата оперативна програма „Транспорт и транспортна инфраструктура“, во периодот по 2020 година ќе го обезбеди неопходниот буџет за целосна изградба на третата метро линија, која што би имала должина од 16 километри и би се состоела од 18 метро станици.

 

 

Сепак, брзиот развој на софиското метро не застанува тука. Градските власти во текот на мај годинава ја лиферуваа информацијата за натамошна надградба на постојните линии со дополнителни 15 метро станици, кои би овозможиле отворање на дури 4 нови линии. Па така, постојната линија 1 би се продолжила за 2 нови станици во правец од населбата Љулин до софиската обиколница, во должина од 1,5 километри. Првата метро линија би се проширила и на југот од градот за дополнителни 1,5 километри, на потегот од Бизнис паркот до Симеоново.

 

 

Софиските власти планираат и два поголеми зафати за проектирање и изведба на среден рок. Втората метро линија би се проширила од населбата Витоша во правец кон софискиот Студентски град, со должина од 4 километри и 4 метро станици на оваа траса. Најголемиот зафат што претстои е предвиденото проширување во должина од 6,1 километри и 7 метро станици на постојната метро линија кон населбите „Гео Милев“ и „Слатина“. Надоградувањето на софиското метро ќе следува по довршувањето на третата метро линија, со што општинските власти јасно посочуваат дека имаат визија за натамошно унапредување на метрото во претстојната деценија.

 

 

Доколку се реализираат ваквите најави, софиското метро за една деценија од денес би прераснало во главно средство за масовен транспорт на патници. Со неговото разгранување ќе се овозможи целосна промена на постојниот градски превоз на Софија, овозможувајќи подземниот транспорт да претставува основа од која што ќе се обликуваат трасите на новите автобуски и трамвајски линии во иднина. Софиските власти се надеваат дека брзото проширување на метрото ќе ја намали бројката на возила во градот, што ќе значи и надминување на постојните сообраќајни метежи со коишто се соочува метрополата.

 

 

Бравурозната надградба на софиското метро претставува образец за тоа како останатите балкански метрополи треба да дејствуваат во насока на подобрување на квалитетот на животот на нивните граѓани. Европската Унија одвои за Бугарија над 1 милијарда евра во изминативе 14 години во функција на развој на софиското метро. Веќе во 2018 година, над 300.000 патници дневно патуваат со метро, а со целосното завршување на надземната и подземната мрежа е предвидено оваа бројка да достигне фантастични 1,2 милиони патници во текот на едно деноноќие. Да се потсетиме, нашиот источен сосед успеа да го реализира овој капитален проект во речиси идентичен временски период во којшто македонската метропола и тамошното државно и локално раководство се занимаваше со изградба на проектот „Скопје 2014“.

 

 

Текст и фотографии: Бојан Блажевски

bojan.blazevski@build.com.mk