Претходна статија
Нема промени во меѓународниот возен ред на возовите за 2015 година
Следна статија
Штуловиот универзитет со постројка за добивање енергија од биомаса

РЕПОРТАЖА: Прошетка низ тажната судбина на главниот град на Јужен Судан

Објавено на 20.11.2014 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Кога ќе влезеш во живата кал, можностите за опстанок се сведени на нула. Вложениот напор во извлекување е беспредметен, особено ако нема кој да ти помогне. Колку повеќе се обидуваш да постигнеш нешто, толку повеќе пропаѓаш во бездната. Вака накратко би можело да се опише судбината на Јужен Судан како најмлада нација во светот, но и на главниот град Џуба. Со оригинални фотографии и многу емоции од лице место, порталот „Билд“ ексклузивно ќе се обиде да ја опише градителската страна на една од најнеразвиените и најсиромашни земји во светот. Како заборавено парче на постоечката глобализација, Јужен Судан денес наликува на нешто помеѓу руската република Чеченија од крајот на 90-тите години на XX век и почетниот развој на арапските емирати во втората половина на минатиот век.

 

Џуба - Јужен СуданЏуба - Јужен СуданЏуба - Јужен Судан

Џуба - Јужен СуданЏуба - Јужен СуданЏуба - Јужен Судан

 

 

Со стекнувањето на независноста од Судан во 2011 година, Јужен Судан се одлучи да тргне по својот пат на развојот. Земја со преку 200 етнички групи, речиси секоја со свој јазик и култура, со значителен процент на христијанско население и со припадници на исламот во нејзините северни делови. Животот во Јужен Судан денеска е обезбеден благодарејќи на нафтата, која е застапена со 98% од приходите во државниот буџет. Нафтените наоѓалишта на оваа земја се трети по големина во субсахарска Африка, но за нејзиното транспортирање таа мора да ги користи нафтоводите на Судан и да исплаќа огромни финансии за оваа услуга. Покрај нафта, земјата поседува големо рудно богатство и вода, кои под налетот на граѓанските војни и сиромаштијата остануваат неискористени.

 

Површината на оваа африканска држава е речиси идентична на Франција. Сепак, нејзината инфраструктура е неразвиена. Сите постоечки нафтоводи во земјата се насочени кон Судан, додека плановите за натамошен развој и надминување на зависноста од северниот сосед се насочени кон предвидената изградба на инфраструктура за пренос на нафта кон Кенија. Патната инфраструктура во Јужен Судан треба допрва да се развива. За изградба на неопходните примарни патишта кон сите соседни земји, неопходни се помеѓу 12 и 15 милијарди долари, финансиски средства што во моментов не можат да се обезбедат. Со помош на УСАИД, во 2012 година беше завршен стратешкиот патен правец од Џуба до Нимуле во должина од 192 километри, со кој оваа земја се поврза со својот сосед Уганда. Овој патен правец е еден од ретките асфалтни патишта во Јужен Судан.

 

###

 

 

Статистичките податоци покажуваат дека густината на асфалтни патишта во земјата изнесува само 0,2 километри на 1.000 километри квадратни, што е многу помалку од останатите земји на субсахарска Африка, кои имаат во просек 16,8 километри патишта на 1.000 километри квадратни. Властите во Јужен Судан имаат стратегија за зголемување на бројот на асфалтирани патишта на 783 километри во периодот до 2015 година, а паралелно со тоа да се работи и на пораст на средените улици и булевари во градовите, кои треба да имаат должина од 270 километри до 2015 година. Јужен Судан има земјени национални патишта во должина од 4.091 километри, кои се статистички класифицирани како инфраструктура која овозможува движење на возила за време на дождливиот период од годината. Останатите патишта се сметаат за сезонски, по кои е невозможно да се одвива сообраќај во текот на целата година.

 

Железничка инфраструктура во земјата речиси и да не постои, освен постоечката теснолинејка во должина од 248 километри од границата со Судан до северниот јужносудански град Вау. Оваа пруга е реконструирана со помош на Обединетите нации во 2010 година, но во овој момент се користи само еднаш неделно за товарен транспорт со Судан. Поради сегашната проектирана брзина на движење на возовите од 50 километри на час, Јужен Судан планира целосно да ја реконструира оваа пруга со изведба на нормален железнички колосек. Властите во Џуба имаат планови со пруга да ги поврзат градовите Вау и Џуба, како и да изградат железничко поврзување со Уганда и Кенија.

 

Џуба - Јужен СуданЏуба - Јужен СуданЏуба - Јужен Судан

 

 

Најлесен начин да се пристигне во Јужен Судан е со користење на авиосообраќајот. Земјата има два меѓународни аеродроми во Џуба и во северниот град Малакал. Најголем број од меѓународните летови се остваруваат преку аеродромот во главниот град, на кој во 2014 година полетуваат и слетуваат авиони на четиринаесет авиокомпании, првенствено од африканскиот континент. Од Џуба може да се лета кон Картум, Најроби, Дубаи, Каиро, Кигали, Адис Абеба, Асмара, Ентебе, додека од Малакал постојат редовни линии кон Картум и Џуба.

 

Телекомуникациската инфраструктура на Јужен Судан се состои првенствено од користење на сателитските врски при комуницирање со остатокот од светот. Земјата има огромен проблем со обезбедувањето на електрична енергија, што е и главен проблем при развојот на останатата инфраструктура. Јужен Судан не поседува ниту една хидро, термо или било каков друг вид на електрана, така што основен начин за добивање енергија е користењето на генератори. Дополнително, земјата нема изградено ниту дистрибутивна мрежа за пренос на ова цивилизациско добро. Статистиката покажува дека само 4% од населението во Јужен Судан користи електрична енергија.

 

Џуба - Јужен СуданЏуба - Јужен СуданЏуба - Јужен Судан

 

 

Главната надеж за решавање на снабдувањето со електрична енергија, барем во Џуба, е изградбата на хидроелектраната „Фула“ на реката Нил. Со донација од норвешката влада, треба да се реализира енергетскиот објект со планирана моќност од 42 мегавати. Истовремено, планирано е да се изведе дистрибутивна мрежа во должина од 150 километри, трансформаторски станици и останата инфраструктура до градовите Џуба, Нимуле и Џелеи. За овој проект беше распишан тендер за негово спроведување во есента 2013 година, но крвавиот воен конфликт од крајот на минатата година ја одложи изградбата на неопределено време.

 

Водниот транспорт е исклучително важен за натамошниот развој на Јужен Судан, поаѓајќи од фактот дека реката Бел Нил овозможува непречено движење на бродови кон Судан. Земјата планира да инвестира 67 милиони долари во развојот на неопходната инфраструктура во периодот до 2020 година. Притоа, приоритетно значење има проширувањето и натамошниот развој на речното пристаниште во Џуба, но и на пристаништата во градовите Бор и Малакал. Со овие вложувања, се очекува да се постигне непречено одвивање на меѓународниот товарен сообраќај.

 

Џуба - Јужен СуданЏуба - Јужен СуданЏуба - Јужен Судан

 

 

Во делот на историјатот на инфраструктурата во Јужен Судан, меѓународната јавност се сеќава единствено на каналот Џонглеи. Овој египетско – судански проект започна да се реализира во 1978 година, со цел да се пренасочат водите од Белиот Нил кои се губеа во мочуриштата на Јужен Судан. Тврдејќи дека соседните исламски земји сакаат да го искористат водниот потенцијал на земјата, бунтовничките сили на Јужен Судан во 1984 година ја запреа изградбата на гигантскиот канал во должина од 360 километри. Овој проект остана нереализиран до денешен ден.

 

Идентично како во целата земја, неразвиеноста е главна карактеристика и на главниот град Џуба. Клучната врска со остатокот од светот се остварува преку меѓународниот аеродром. Во околината на овој објект се сконцентрирани поголемите инвестиции во Џуба. Планираните индустриски зони, резиденцијални комплекси, трговски центри е предвидено да се изградат во околината на леталиштето. Една од ретките асфалтирани патни врски во главниот град е токму онаа што го поврзува аеродромот со центарот на градот. Властите од Џуба имаат големи очекувања за натамошниот развој на самиот аеродром. Новиот терминал е во фаза на изградба, но периодов конструктивните работи се прекинати без дефиниран краен рок за нивно завршување. До неговото комплетирање, сите патници се приморани да ги користат услугите на трошните објекти во склоп на постоечкиот аеродром.

 

Актуелниот урбанистички хаос во Џуба доведе до развој на идејата за инвестирање во нов главен град на земјата. Официјалната државна власт веќе неколку години работи на проектот за изградба на нова метропола во централниот дел на земјата, во чија реализација е планирано да се инвестираат 940 милиони долари. Странските инвеститори многу малку инвестираат во развојот на овој град, а главната причина за непостоењето можност за урбанизација на Џуба е непланското доселување на нови жители од внатрешноста на земјата. Статистичките податоци покажуваат дека над 30% од жителите на Џуба немаат пристап до чиста вода за пиење, процент идентичен како и во останатиот дел од земјата. Во градот не постои водоводна и електродистрибутивна мрежа, така што пристапот до вода и до електрична енергија е сведен на индивидуално рамниште. Само оние граѓани кои имаат генератори или соларни панели можат да обезбедат електрична енергија неколку часа дневно.

 

Џуба - Јужен СуданЏуба - Јужен СуданЏуба - Јужен Судан

Џуба - Јужен СуданЏуба - Јужен СуданЏуба - Јужен Судан

 

 

Проблем во главниот град е самата патна инфраструктура. Покриени со асфалт се само неколку главни сообраќајници, вклучувајќи ја и онаа кон аеродромот. Останатите улици се земјени. Џуба нема јавен градски превоз, ниту пак железничка и автопатска врска со остатокот на светот, а двата брега на реката Нил се поврзани со еден мост од цврста градба. Наспроти изразитиот степен на неразвиеност, низ улиците на главниот град се зголемува бројот на увезени половни автомобили од странство. Во напорот да се изработи урбанистички план на градот и барем минимално да се решат инфраструктурните проблеми, УСАИД во 2005 година се обиде да направи проекција за натамошниот развој и управување со овој град. Сепак, нивните планови за Џуба при опстојување на бројот на населението од 250.000 жители паѓаат во вода, ако се земе во предвид огромниот прилив на нови жители во последните неколку години.

 

Неурбанистичкиот развој на градот е пропратен со непостоење на архитектура во современа смисла на зборот. Огромно мнозинство од населението живее во т.н. тукули – колиби изградени од кал и трска. Овие традиционални куќи не можат да се споредат со каква било цврста градба. Иако претставуваат атракција за странските посетители, за жителите на градот овие куќи претставуваат симбол на сиромаштијата. Во главниот град на Јужен Судан може да се сретнат бараки и контејнери како објекти за домување и за други намени, додека цврстите градби се вистинска реткост. Во последните неколку години почнаа да се градат неколку згради во градот, кои треба барем делумно да ги задоволат потребите за деловен и комерцијален простор, современо домување и престој на посетители од странство.

 

Џуба - Јужен СуданЏуба - Јужен СуданЏуба - Јужен Судан

Џуба - Јужен СуданЏуба - Јужен СуданЏуба - Јужен Судан

 

 

Во армирано – бетонските згради се сместени првенствено министерствата и останатите државни институции. Неколку од овие објекти се подигнати од страна на југословенски градежни компании во златниот период на Движењето на неврзаните, преку воспоставената соработка меѓу Југославија и Судан. Покрај нив, во Џуба во моментов се градат и две поголеми згради од 7 и од 12 ката. Идната гордост на градот е кулата „Екваторија“, проект во вредност од 12 милиони долари кој ќе претставува прво модерно здание со западен архитектонски стил. Финансиите за објектот од 9.585 метри квадратни ги обезбеди Светската банка, а во негови рамки е предвидено да се најдат продавници, туристичка агенција, аптека, банкарска експозитура, ресторан, кафе-бар и канцелариски простор. Кениските медиуми јавуваат дека овој проект би можел целосно да се заврши до средината на август 2014 година.

 

Џуба - Јужен СуданЏуба - Јужен СуданЏуба - Јужен Судан

 

 

За сместување на поимотните граѓани од Џуба се предвидени барем два комплекси што се наоѓаат на периферијата на градот. Првиот проект е на приватната компанија Luri River Waterfront, кој треба да се гради во северниот дел од Џуба на земјиште со површина од 100 ари. Покрај резиденцијалниот комплекс, проектот вклучува изградба на пристаниште, индустриска зона и комерцијални објекти покрај брегот на реката Нил. Првата етапа од комплексот започна да се гради во ноември 2010 година и истата вклучува подигање на еднособни и двособни живеалишта што можат да се изнајмуваат.

 

Вториот затворен град е инвестиција на меѓународната Rock City Investments. На земјиштето со површина од 200 ари ќе се градат канцелариски згради со површина од 20.000 метри квадратни, хотел со пет ѕвезди, трговски центар од 23.000 метри квадратни, 150 луксузни куќи за живеење и спортски објекти. Овој комплекс е лоциран на шест километри од бизнис квартот во Џуба и неговата изведба во моментов се сведува на ниво на подготовки за градба. Всушност, ако се направи мала потрага по интернет ќе се види дека ветувањата за големи проекти во Џуба не се мали. Грандиозниот Институт за нафта, воената болница, зградата на националната библиотека, универзитетските згради што треба да се градат од Кина во замена за нафта, деловната кула и хотелот „Juba Towers“, неколку хотели со пет ѕвезди, новиот мост на реката Нил се само дел од бројните ветувања што им се претставија на граѓаните од главниот град во изминативе години.

 

###

###

 

 

Големите проекти во оваа африканска земја најчесто остануваат неостварени, првенствено поради недостигот на градежна механизација, стручна работна сила и финансиски капитал за инвестирање. Во Џуба денеска има само еден функционален кран, што говори за постоечкиот капацитет што може да се искористи во изградбата на некои идни објекти. При изведбата на одредено здание, целокупниот градежен материјал се увезува од странски земји. Најголеми потенцијални инвеститори во Јужен Судан се арапските земји, Кина, САД и дел од европските земји. Позначајни инвестициски потфати се остваруваат преку донации од фондовите за развој на дел од западноевропските земји и САД.

 

Голем број од веќе споменатите градителски проекти во Џуба, но и во целиот Јужен Судан најверојатно ќе останат недовршени поради новата граѓанска војна, која што изби по неуспешниот државен удар на средината од декември 2013 година. Битката за претседателската фотелја помеѓу сегашниот претседател Салва Киир и поранешниот потпретседател Риек Мачар набрзо прерасна во војна со етнички предзнак, поради борбата за превласт помеѓу членовите на најголемите две племиња во земјата – Динка и Нуер. Се стравува дека во неколкумесечните борби се убиени илјадници граѓани на земјата. Генералниот секретар на Обединетите Нации, Бан Ки Мун предупреди дека продолжувањето на конфликтот до крајот на 2014 година ќе доведе до тоа половина од земјата со 12 милиони жители да станат бегалци или пак да се најдат во животна опасност поради недостигот на храна и вода. Актуелната граѓанска војна претставува главна пречка на веќе започнатите и на планираните градителски проекти во земјата, која останува во заборав на глобалните центри на моќ.

 

[youtube=http://www.youtube.com/watch?v=qpS-xvsm5Pg&rel=0&w=515]