Претходна статија
Општина Центар: Во нашиот двор нема да се гради Старата учителска школа
Следна статија
Поништени тендерите за спортска сала и базен во училиштата во Карпош

РЕПОРТАЖА: Патување меѓу градови со трамвај – чудото од полска Шлезија

Објавено на 22.01.2017 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Планираш да посетиш пријател во друг град? Твоето работно место и дом се наоѓаат во различни градови? Секој од нас во Македонија би земал автомобил или автобус за ваквата меѓуградска релација, но тоа не е случај и со јужниот дел на Полска. Жителите го нарекуваат „чудото од Горна Шлезија“, а се работи за една од најголемите трамвајски мрежи во светот. Меѓуградскиот трамвајски систем во Шлезиското војводство опслужува повеќе од 100 милиони патници годишно, превезувајќи ги жителите од еден до друг град во овој индустриски регион на Полска. Како во ретко кое друго населено место, граѓаните од овој регион можат да патуваат меѓу самите градови со трамвај, чии траси ги менуваат градските плоштади со природни пејсажи меѓу населените места.

 

 

Приказната за меѓуградската трамвајска мрежа во овој регион започнува во 1894 година, кога е изградена првата линија со должина од 36,5 километри помеѓу градовите Гљивице и Пекари Шленские. По четири години од изградбата на теснолинејката, започнува електрификација на инфраструктурната мрежа. Стандардната ширина (1435мм) на трамвајскиот колосек започнала да се изведува во Катовице во текот на 1912 година. Шлезија ќе постане важен индустриски центар, што довело до тоа работничките градови да се поврзат со трамвај. Целиот регион ќе ја има несреќата да биде преполовен на територии меѓу различни земји, што во периодот до 1937 година ќе значи и воведување на меѓународен трамвајски сообраќај меѓу Полска и Германија во регионот на Горна Шлезија.

 

 

За време на нацистичката окупација на Полска, германските власти донесуваат одлука за спојување на расцепканата трамвајска мрежа во обединет регионален систем. Ваквиот чекор ќе биде испочитуван од подоцнежните власти на Полска, така што низ децениите што следуваат до денес ќе се развие меѓуградскиот трамвај. Ова превозно средство од Горна Шлезија ќе доживее исклучително брз развој во периодот до 70-те години на дваесеттиот век, паралелно со индустријализацијата и зголемувањето на капацитетот на рудниците од страна на комунистичките власти. Магичната бројка од 350 милиони патници годишно ќе биде достигната во 80-те години на дваесеттиот век, по што ќе следува опаѓање на бројката на превезени патници.

 

 

Трамвајскиот систем во полска Шлезија денеска поврзува 13 градови и рурални населени места, меѓу кои е и Катовице како главен град на регионот. Следејќи ја главната оска „исток-запад“, трамвајската мрежа се протега непречено на повеќе од 50 километри во должина. Најновата трамвајска траса е изградена во периодот од 1980 до 1982 година, додека линијата меѓу Катовице и Битом е надоградена во систем на лесна железница (ЛРТ) кон крајот на 90-те години на XX век. Должината на трамвајската мрежа се состои од 299,7 километри, градејќи 35 трамвајски траси на кои во работните денови сообраќаат околу 200 трамваи. Линијата број 21 има најдолга траса од 22,45 километри, додека најкратка е должината на линијата со број 38 од само 1,34 километри.

 

 

Бројката на патници во меѓуградскиот трамвајски систем во изминативе три децении е намалена за повеќе од три пати. Најголем дел од градовите се со големина од 30.000 до 300.000 жители, кои во периодот на полската транзиција мораа да се соочат со затворање на дел од рудниците и индустриските комплекси. Благото намалување на населението во полскиот дел од Горна Шлезија беше придружено со драстичен раст на бројот на автомобили по глава на жител. Заедно со недоволните инвестиции во периодот на транзицијата, трамвајската мрежа беше доведена во лоша состојба.

 

 

Со влегувањето на Полска во Европската унија, се отворија можностите за реконструкција и надградба на постојната трамвајска мрежа. Крајната цел на регионалните власти беше да се модернизираат 196 километри од изградените траси со помош на фондовите од Европската унија. Во периодот од 2007 до 2013 година, шлезискиот трамвај доби финансиска поддршка за реконструкција на 48 километри од мрежата, заедно со купување на 30 нови трамваи и обнова на 75 од постојните возила. Веќе во 2014 година, властите објавија нов проект од 150 милиони евра за модернизација на трамвајската мрежа, изградба на нова линија, купување на 30 нови трамваи и обнова на уште 75 од постојните превозни средства. Европската унија ќе финансира 60% од вкупната инвестиција за поврзување на целокупниот регион што брои 2 милиони жители.

 

 

Заедно со севкупниот развој на Полска, плановите за обнова на трамвајската мрежа се надоградуваат. Властите од Катовице во моментов работат на проектот за изградба на нова траса во должина од 5 километри. Купувањето на нови трамваи и донациите од други градови придонесоа во последниве неколку години да се сопре тенденцијата за намалување на бројот на патници кои го користат трамвајот. Последните проценки на властите се дека во периодот до 2020 година ќе се вложат 885 милиони полски злоти во одржување и надоградба на постојната мрежа, при што најмалку 63% од финансиите треба да се обезбедат од ЕУ.

 

 

Идентично како и во изминатите децении, трамвајот во индустрискиот регион Горна Шлезија е замена за многу автобуски линии. Катовице е еден од градовите што е испресечен со трамвајска мрежа. Некогашните улици во централното градско подрачје се претворени во пешачки зони, на кои се движат единствено трамваи. Надвор од центарот, трамвајската мрежа е развиена во две форми: одвоениот колосек се протега на средината од улиците или пак минува паралелно со нив, додека во некои случаи самиот колосек се наоѓа на улиците. И покрај конкуренцијата со новите автопатишта меѓу градските средини, трамвајот и понатаму се користи за патување меѓу поблиските градови од Шлезиското војводство.

 

 

Целокупниот систем се одржува од регионалното јавно претпријатие „КЗК ГОП“, во кое удел имаат 28 општини од овој регион. Сите тие заеднички придонесуваат во развојот на јавниот транспорт, кој вклучува и значителен број на автобуски линии. Во функција на поефикасен јавен транспорт, во 2010 година е основана Шлезиската железница, која во моментов одржува 12 меѓуградски железнички линии. Воедно, централната железничка станица во Катовице претставува и современ терминал од кој поаѓаат многу градски и меѓуградски линии. На двата излеза од самиот објект, постојат трамвајски станици низ кои минуваат трамваи што се движат во различни правци.

 

 

Со модернизацијата на целокупниот транспортен систем во Шлезиското војводство, трамвајот ја добива својата денешна улога како едно, а не единствено средство за превоз помеѓу регионалните центри. Преседнувањето од автобус во воз или трамвај е најефикасниот начин за да се пропатуваат овие градови во јужниот дел на Полска. Натамошните инвестиции со обезбедената поддршка од ЕУ ќе овозможат зголемување на брзината на движење на трамваите и одржување на атрактивноста на ова превозно средство. Во меѓувреме, регионалните власти прават и рани проценки за евентуална изградба на надземно метро со кое би се поврзале и поодалечените градови од Шлезиското војводство. Конкретни најави за реализација на еден ваков проект не постојат, барем не за во догледно време. Сè дотогаш, трамвајот останува традиционален симбол на Катовице и на околните градски средини.

 

 

 

 

Текст, фото: Бојан Блажевски

bojan.blazevski@build.com.mk