Градот е на граѓаните, а не на автомобилите. Ако ова е концептот за идниот развој на централната зона на една метропола, тогаш сигурно е дека некогашните закрчени сообраќајници треба да заминат во историјата и да го отстапат просторот на пешачките зони. Работењето на свеста на граѓанинот за промена на неговата урбана улога, од возач на автомобил во пешак и корисник на јавниот превоз е круцијална во целата приказна. Придобивките од бравурозната замисла водат кон ширење на јавниот простор во центарот на градот, негово заземање од индивидуите како активни граѓани со бројни идеи кои придонесуваат во развојот на заедницата, наспроти постоечката окупација на површините од страна на пасивниот граѓанин во улога на возач. Управата на словенечкиот главен град повеќе од пет години води задлабочена дебата за претворање на главната сообраќајница во градот во пешачка зона. Од спротивставените мислења се изроди консензусот, улицата „Словенска“ да прерасне во зона со ограничено движење на возила и повеќе простор за велосипедистите и пешаците.
Ако поаѓаме од тврдењето дека Кејот на реката Љубљаница е срцето на словенечката метропола, несомнено дека нејзиниот крвоток е главната градска улица „Словенска“, сообраќајна траса од 1.300 метри која им овозможува на возачите ефикасна конекција со центарот на Љубљана. Покрај сообраќајната значајност, по должината на оваа улица вирее економскиот, културниот и социјалниот живот на граѓаните. Некои од најпрепознатливите архитектонски градби на Љубљана се сконцетрирани на ова тло, градејќи ја во континуитет историјата на оваа улица векови наназад. За разлика од другите делови на градот, севкупниот напредок на заедницата секогаш имал влијание врз натамошниот развој на улицата „Словенска“. Архитектурата редовно комуницирала со сообраќајното инженерство во концептуализирањето на просторот. Некогашните трошни градби од XIX век низ децениите се менувале во облакодери адекватни на постоечкиот систем, во функција на задоволување на потребите на индивидуите и целокупната заедница.
Најзначаен објект од доцниот XIX век на улицата „Словенска“ е главната пошта во градот, која владее во просторот помеѓу хотелот „Слон“ и стоковната куќа „Нама“. Недалеку од неа се наоѓаат две впечатливи градби од 30 – тите години на XX век. Една од нив е препознатливото обележје на Љубљана – популарниот облакодер или на словенечки „Неботичник“, дело на словенечкиот архитект Владимир Шубиц. Граден во периодот 1931 – 1933 година, зданието денеска претставува мултифункционален објект, составен од продавници, канцелариски простор, простор за домување, кафетерија и ресторан на последниот кат. Дизајнот на оваа зграда е комбинација од два архитектонски правци – неокласицизам и арт деко. На спротивната страна од улицата се наоѓа хотелот „Слон“, кој е изграден во 1937 година врз основа на нацртот на словенечкиот архитект Станко Рохрман.
Во периодот пред окупацијата на Љубљана во Втората светска војна, улицата „Словенска“ ја добива стоковната куќа „Нама“. Отворена во 1941 година, низ децениите на комунизмот таа претставува народен магазин од кој жителите на словенечкиот главен град се снабдуваа со облеката која што го креираше нивниот моден стил. Богатството од различни архитектонски изрази го крунисува деловниот објект на словенечката компанија „Металка“, чие име и надворешна фасада се сплотени заедно при творењето на идејното решение за зданието од страна на словенечкиот архитект Едо Михевц. Умствените активности, пропратени со реализацијата на проектот, се одвиваа во периодот од 1959 до 1963 година. Збрани на едно место, овие архитектонски дела непосредно комуницираат со улицата „Словенска“, која долги децении наназад претставува најважната сообраќајна артерија на Љубљана.
По предлог на првиот татко на градот, во 2008 година беше отворена јавната дебата за претворање на оваа сообраќајница во пешачка зона. Проблемот што Љубљана го има е едноставен за образложување, но тежок за решение. Улицата „Словенска“ со високата фреквенција на возила го дели пешачкото ткиво од центарот на градот на два дела, постанувајќи притоа симбол за загадување, бучава и севкупен низок квалитет на живеење. Оттука, дел од прогресивните урбанисти предложија целосно затворање на оваа транспортна траса, во функција на зголемување на пешачката површина во централното градско подрачје. Од друга страна, многу од сообраќајните инжинери предупредија дека околните улици би можеле да се соочат со сообраќен метеж, кој би го влошил животот на граѓаните од овие делови на Љубљана.
На распишаниот конкурс за избор на решенија за преуредување на улицата „Словенска“ до 2020 година, од градската управа беа избрани четири архитектонски бироа, кои доставија свои визии за развој на јавниот простор. Избраните трудови на „Скејплап – архитекти Добрин“, биро „Деклева – Грегорич“, „Садар+Вуга“ и „ББиро – Катушиќ Коцбек архитекти“ беа објавени на изложба во текот на ноември 2012 година. Градската управа на Љубљана се одлучи конечната замисла да биде синтеза од овие избрани дела, кои се усовршуваа преку работилници на кои учествуваа претставници на архитектонските бироа, сообраќајни инженери и урбанисти од администрацијата на градот. По долготрајна работа, идниот изглед на улицата „Словенска“ им беше презентирана на граѓаните, а првичната интервенција во просторот заврши во октомври 2013 година.
Визијата за натамошен развој на улицата „Словенска“ до 2020 година вклучува редукција на сообраќајот, но и изведба на нови зданија долж оваа траса. Со веќе завршениот симболичен зафат е намален бројот на некогашните четири сообраќајни ленти, при што една е одвоена како простор за оддишка на граѓаните, додека дополнителна лента е наменета за велосипедистите. Сообраќајот во иднина ќе биде прекинат на потегот меѓу улиците „Шубичева“ и „Госпосветска“, додека на останатиот дел од трасата за возилата се предвидени две коловозни ленти. Единствен исклучок ќе бидат автобусите од градскиот превоз и велосипедистите, на кои ќе им биде овозможено непречено движење долж улицата „Словенска“. На левата страна од постоечкиот коловоз ќе биде засаден дрворед сочинет од Гинко Билоба дрво, чии лисја во текот на есенскиот период добиваат впечатлива златно жолта боја. За успешно остварување на оваа замисла во наредните години ќе се издвојат три милиони евра.
Покрај уредувањето на улицата „Словенска“, ова парче од центарот на Љубљана во периодот до 2020 година ќе добие три нови зданија. Највисока и највпечатлива меѓу нив секако е идната Градска кула со предвидена висина од 70 метри. Зацртаната локација на новиот облакодер е на просторот до постоечката управна зграда на Телеком Словенија, на раскрсницата меѓу улиците „Словенска“, „Тиволска“ и „Дунавска“. Идниот бизнис центар на 23 нивоа е творечко дело на архитектите Борис Подреца и Санди Пирш. Специфичната кристална фасада на облакодерот повлекува со себе напредни технолошки решенија кои ќе бидат применети во нејзиниот ентериер. Вредноста на проектот изнесува 50 милиони евра, а инвеститор на ова здание е Ерсте Груп Иморент од Љубљана.
Второто здание од идната приказна за улицата „Словенска“ е Шуми центарот, кој ќе биде сместен на земјиштето на некогашната позната фабрика за бомбони и кондиторски производи „Шуми“. Осмислен како простор за колективно домување и за комерцијални намени, зданието со бруто површина од 45.765 метри квадратни опфаќа кафетерии и продавници на првиот кат, канцелариски простор на неговата северна страна и луксузни апартмани за оние граѓани со подлабок џеб. Идејното решение за Шуми центарот е дело на архитектот Борис Подреца и бирото „Гролегер Архитекти“. Инвеститорот Шумијев кварт е спремен до 2016 година да вложи 63 милиони евра во неговата изградба.
Последното, и воедно единствено некомерцијално здание во елитизирањето на улицата „Словенска“ е идното седиште на Национално универзитетската библиотека во Љубљана. Објектот со бруто површина од 19.000 метри квадратни ќе биде лоциран на крстосницата на улиците „Словенска“, „Римска“, „Емонска“ и „Зоисова“. Архитектонската замисла е преточена во идејно решение од страна на бирото „Бевк Перовиќ архитекти“. Архитектонската визура на градбата го претставува универзитетот во главниот град, и тоа на начин што доследно ја следи симболичката енергија на библиотеката на Јоже Плечник лоцирана во непосредна близина. Словенечката држава планира да инвестира во ова здание 50 милиони евра, чија реализација треба да се заокружи до 2015 година.
Од минатото кон непосредната иднина, пораката што ја испраќа улицата „Словенска“ е едноставна за разбирање, но бара исклучителен интелектуален напор за нејзина реализација. Да се следат потребите на граѓаните, да се демократизира јавниот простор, да се бара целовито решение без тотално совладување на истиот од комерцијализацијата и да се трага по интегрирани решенија кои ги поврзуваат архитектите, урбанистите, сообраќајните инжинери и граѓаните во темелното осмислување на тлото во кое токму тие треба да достигнат достоен живот од кој самите ќе бидат задоволни. И за да не се заборави, идната приказна за улицата „Словенска“ е формирана на взаемен консензус и изразита отвореност на самиот проект од државната и од локалната власт.
Текстот го подготви: Бојан Блажевски; Фото: Бојан Блажевски