Претходна статија
Барокни фасади и за кулите во склоп на ГТЦ
Следна статија
Универзитетот на Југоисточна Европа се смести во скопската чаршија

РЕПОРТАЖА: Древниот Брашов со својата убавина и пркоси на денешнината

Објавено на 19.11.2013 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Сместен во средишниот дел на Романија и во близина на главните туристички центри, градот Брашов е неодминлива точка на мноштвото туристи од целиот свет што ја посетуваат оваа балканска земја. Но и покрај тоа, неговата припоеност со бујната шума и нереткото симнување на мечките од околните планини го прават градот спокојна локација за одмор и уживање. Надморската височина од 650 метри, беспрекорно чистиот воздух, како и мирната и релаксирана атмосфера во историското парче од градот овозможуваат незаборавен одмор и враќање низ историјата во минатото кога немало монструозни зданија издигнати високо до небото, животна околина без деловни центри, трговски центри за шопингување или небодери за живеење.

 

###

 

 

Списите во кои за прв пат се споменува името на градот (во минатото познат и како Кронштад) говорат дека е основан од страна на тевтонските витези во 1211 година како еден од седумте изградени утврдувања во тогашна Трансилванија. Како и останатите подигнати места, во Брашов до денешен ден се зачувани ѕидините на тврдината која го заштитувала градот од непријателски војски. Благодарение на бројните цркви, музеи и живописни куќи изградени во готска, барокна и ренесансна архитектура, историскиот дел на градот сеуште го шири впечатливиот средновековен амбиент. Покрај стариот град кој води потекло неколку векови наназад низ историјата, во Брашов денеска се издигнува и новиот дел од градот кој претставува мешавина од згради со соцреалистички градби и модерни деловни, комерцијални и станбени објекти проткаени низ архитектонските стилови на денешницата.

 

###

 

 

Линијата на средновековното и модерното е зачувана со децении наназад. Во стариот дел од Брашов речиси е невозможно да се најдат нови градби кои се подигнати на местото на вредните архитектонски градби, а неколкуте објекти кои се подигнати во комунистичкото минато со својата висина, изглед и стил се вклопуваат во историското јадро. Најпознатите туристички локации во Брашов се Плоштадот на градското собрание (Piata Sfatului) и Црната црква (Biserica Neagra). Главниот плоштад во „срцето“ на Брашов е просторот во чија централна позиција се наоѓа стариот објект на градското собрание изграден во 1420 година, денес средиште на вредните артефакти од Историскиот музеј. Опкружен со куќите со црвени покриви и разиграни бои на фасадите, сопственост на познатите некогашни трговци од градот, овој плоштад претставува најпрепознатливата точка за посетителите на Брашов.

 

###

 

 

На десетина метри југозападно од главниот плоштад е лоциран најпрепознатливиот објект во градот – Црната црква. Изградена во периодот помеѓу 1385 и 1477 година на темели на поранешна црква од 13 век, Црната црква претставува најголема верски објект изграден во стилот на готската архитектура во Романија, но и воопшто на просторот помеѓу Виена и Истанбул. Името го добила благодарејќи на големиот пожар кој во 1689 година го уништил поголемиот дел од стариот град и ги поцрнил надворешните ѕидови на црквата. Покрај впечатливиот внатрешен ентериер, оваа историска градба ја има зачувано најголемата колекција на килими од XVII и XVIII век во цела Европа, подарок од саксонските трговци. Локалните власти во моментов го уредуваат јавниот простор околу црквата со што истиот ќе постане уште впечатлив плоштад.

 

###

 

 

Тврдината која го опкружува историското јадро на градот е градителски потфат до денес му пркоси на времето, а од некогашните седум бастиони најголем впечаток остава неодамна реконструираниот бастион Графт. На јужната страна од ѕидиштата се наоѓа Портата на Катерина која е изградена во 1559 година и претставувала некогашен главен влез во Брашов. Покрај овие бедеми, на височините од ридот над градот во текот на XV век биле изградени неколку кули за стражарите од кои денеска се најпознати Белата и Црната кула, од каде се пружа величенствен поглед на стариот дел на Брашов. Бројните одбранбени зданија го штителе градот од воени напади кои низ вековите ги организирале монголите и турците.

 

###

 

 

На југоисточната страна од стариот дел на Брашов се издигнува планината Тампа, до која посетителите можат да стигнат преку жичарница. Планината изобилува со густа шума и животински свет, при што предничат мечките за кои жителите на градот истакнуваат дека до денешни дни понекогаш се симнуваат во градот барајќи храна по улиците. Во холивудски стил на планината Тампа е поставен натписот „Брашов“, кој е вистинска атракција за фотографирање на туристите и може да се види од речиси сите локации во градот.

 

###

 

 

Црквата Св. Никола е уште една значајна градба во историски вредното јадро на ова трансилваниско место. Изградена во 1392 година, објектот го добил својот финален изглед во текот на XVIII век. Како вистински доказ на мешавината од различни култури што се споиле во централниот дел на Романија, овој верски објект е ремек – дело со мешавина на византиски, готски и барокен архитектонски стил. Препознатливата градба е обиколена со заштитни ѕидови како и останатите средновековни цркви. Како и во останатите трансилваниски места, во Брашов постојат десетина православни, католички и протестантски цркви кои го одразуваат мултикултурализмот и мешовитиот состав од националности што живеат во местото. Црквите заедно со Музејот на уметноста, Етнографскиот и Историскиот музеј му го даваат уникатниот лик на градот, сублимат од европските архитектонски правци проткаени со древната романска историја.

 

###

 

 

Во некогаш познатиот Кронштад е лоцирана и најтесната улица на целиот европски континент која е изградена со цел за напад на противничката војска од позадина во периодот на некогашните воени судири. Strada Sforii е широка само 130 сантиметри и е долга 83 метри, а разминувањето со бројните туристи што минуваат низ неа е макотрпен чин за кој треба да се одвои значително време. Жителите на градот раскажуваат дека ѕидовите на улицата се проклети бидејќи на нив загинале илјадници војници, приказна на која не и веруваат романските сликари кои секоја година цртаат по ѕидовите на тесната уличка, при што по завршувањето на делата истата повторно се молерисува и го добива стариот изглед. На северниот дел од стариот град е сместена и тврдината. На височината во самиот центар на градот, на стратегиска локација од која може да се набљудува целокупната околина, во 1524 година била подигната градбата која го заштитувала местото од непријателските војски. Денес во тврдината е сместен ресторан и од истата може панорамски да се погледа целиот град.

 

###

 

 

Хотелските комплекси, модерните трговски центри и деловните објекти кои се симбол за забрзаниот развиток на економијата во градот се сместени во новиот дел. Поради огромниот број на туристи во Брашов денес постојат хотели и ресторани од речиси сите најпознати меѓународни угостителски ланци, а во областа на економијата местото е познато како еден од главните центри на тешката индустрија во Трансилванија развиена во комунистичкиот период. Туризмот заедно со развиената индустрија ја креираат севкупната слика за Брашов како град со извонредно висока стапка на годишен развој и месечни заработувачки на граѓаните кои се поголеми од останатите романски градови. Како и во сите европски градови, огромните комерцијални и деловни објекти најчесто се сместени во периферните делови на градот. Како рецидив од комунистичкото минато може да се забележат високите станбени згради кои насекаде се издигнуваат во новиот дел на Брашов.

 

###

 

 

До средновековниот Брашов најлесно се стигнува со воз. Од железничката станица во Брашов дневно поаѓаат околу 140 возови, од кои пет се кон Будимпешта и во еден од нив има вагони за Виена, Прага и Братислава. Дневни врски има и кон сите поголеми романски градови, а оваа станица претставува една од најголемите во Романија. За разлика од другите градови во Трансилванија, железничката станица е сместена на неколку километри од стариот град. Покрај неодминливите романски таксисти со своите автомобили од домашната марка Дачија, во градот е организиран јавен превоз составен од автобуси и тролејбуси кои се распоредени на 50 градски и приградски линии. Добро организираниот градски сообраќај со автобуси од германскиот „Ман“ и белорускиот производител „Маз“ има додадена позитивна вредност, а тоа е ниската цената за билет за патување. За разлика од другите поголеми центри, Брашов сеуште нема добиено сопствен аеродром, иако во моментов истиот се гради во неговата околина. За крај, би требало да ја напомене извонредно чистите јавни шеталишта и пешачки зони, уредените автобуски станици и парковите преплавени со лалиња кои само ја надополнуваат извонредниот мозаик од пријатни впечатоци за ова трансилваниско место.

 

 

Текст и фото: Бојан Блажевски