Чешкиот град Брно го поседува еден од најстарите трамвајски системи во светот. Ова превозно средство се тркала низ улиците на вториот по големина град во Чешка уште од 1869 година. За разлика од минатото, Брно денес пулсира во ритамот на младоста, зграпчувајќи го приматот на водечко и најатрактивно место за студирање во Република Чешка. Улиците на овој град се преполни со млади лица во работните денови, а ништо поразлично не е и навечер за време на викендите. Мобилноста на младата популација е присутна во рамките на една недела, а локалните власти се обидуваат да го искористат овој наплив на посетители како можност за развој на јавниот превоз.
За почеток, вреди да се споменат некои основни карактеристики на трамвајот во Брно. Системот се состои од 12 трамвајски линии, со вкупна должина од 71,5 километри. Покрај трамвајот, во градот со околу 400.000 жители секојдневно оперираат тролејбуси и автобуси. Во некогашната империја на Австријците и Унгарците, чешкиот град го добива трамвајот веднаш по Виена и Будимпешта. Првиот електричен трамвај се појавил во 1900 година, а веќе во наредните неколку години ќе се воведат вкупно пет трамвајски линии во Брно. Во децениите што следат пред Втората светска војна, трамвајската мрежа ќе го добие приматот при натамошниот развој на јавниот превоз во градот. Сепак, локалните власти по Втората светска војна работат паралелно на зголемување на бројот на автобуски и на тролејбуски линии низ Брно.
Натпреварот помеѓу различните видови на транспорт е продолжен од градските власти кон крајот на 90-тите години на минатиот век. Во услови на намален број на патници, градската мрежа се одлучува да ја искористи максимално трамвајската и тролејбуската мрежа за сметка на укинување на паралелните автобуски линии. Една од главните причини поради кои се донела оваа одлука е заштитата на животната средина во градот. Благодарејќи на неа, централното градско подрачје со околните историски зданија денеска е преплавено со трамваи што патуваат кон различни населби во Брно. Се разбира, најмладата популација и пензионерите се најчести корисници на ова превозно средство.
За да се задоволат потребите за мобилност на граѓаните, воведен е интегриран систем за јавен превоз во јужноморавскиот регион на Чешка. Во рамките на овој систем, може да се патува со возови, регионални автобуси, но и да се користи јавниот превоз во Брно и осум други градови од овој регион. Тарифата за јавниот превоз се определува врз основа на времетраењето на патувањето, при што со еден билет можете да се качите на воз во еден од градовите во Јужна Моравија и да завршите во Брно возејќи се со трамвај. Бројот на прекачувања е неограничен, а тоа им одговара на големиот број студенти и вработени од соседните населени места кои секојдневно мигрираат во вториот по големина град во Чешка.
Од аспект на статистиката, треба да се спомене дека трамвајскиот систем во Брно е вториот по големина во Чешка. Транспортното претпријатие поседува околу 300 трамвајски возила, а патриотизмот на Чесите може токму тука да се види. Трамваите произведени од чешката фирма „Шкода“ и словачката „Татра“ се во апсолутна доминација кај возниот парк. Во 2016 година е извршена набавка на дополнителни 20 трамвајски возила од типот “Škoda 13T”. Од вкупно 355 милиони превезени патници во јавниот превоз, трамвајот во минатата година ја одиграл улогата на стожер на транспортниот крвоток на градот со 193.590.000 превезени патници.
Бројката на воведени трамваи во сообраќај се зголемува секоја година, па така возниот парк на Брно во текот на 2016 година се состоел од 327 трамваи. Бројката на тролејбуси во јавниот превоз е идентична со години, додека градските власти постепено ги намалуваат автобуските линии. Па така, јавното сообраќајно претпријатие во 2014 година поседувало 350 автобуси, додека лани низ Брно сообраќале вкупно 302 автобуси.
Единствената можна закана за натамошниот развој на трамвајот во Брно не е комбинираниот јавен превоз, туку можноста за развој на „метро систем“ во овој чешки град. Инфраструктурниот проект би се изградил во периодот до 2030 година, а за него би се одвоиле 22 милијарди чешки круни. Во основа, станува збор за развој на градска железница со 26 станици, која би го ползувала постојниот железнички јазол во Брно. Засега не се знае каков тип на превозни средства ќе се користат. Во однос на финансиите, засега нема пари за реализација на овој проект.
Сепак, градската администрација се надева дека ќе може да смета на Европската унија или чешкиот државен буџет за исполнување на нивните намери. Идејата е да се воведе ново превозно средство во рамките на комбинираниот транспорт, кое не би претставувало замена за трамвајот, туку би ја зголемило брзината на патување во правец север – југ и бројката на превезени патници. Како и да е, примерот на Брно покажува дека трамвајот не претставува застарено превозно средство за градовите со големина слична на Скопје. Се разбира, ваквиот заклучок важи единствено ако се инвестира во континуитет во возниот парк, во атрактивен тарифен систем за патниците и во комбинирање на трамвајскиот превоз со автобуси и возови.
Текст, фото: Бојан Блажевски
bojan.blazevski@build.com.mk