Претходна статија
Во Гевгелија се продаваат 10 парцели за индивидуално домување и за лесна индустрија
Следна статија
„Билд“ со серија текстови за донираните објекти од странство по скопскиот земјотрес

РЕПОРТАЖА: Автопатот Миладиновци – Штип, побрза врска со Истокот

Објавено на 18.06.2018 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

 

Топлото јунско сонце не ги колеба градежниците да работат и кога температурата е над 30 степени под сенка. Изминативе пет месеци им се погоди лошо време со постојаниот дожд и доцниот мартовски снег, така што во летните месеци мора да се надомести несработеното. Без прекин на градежните активности долж целата траса, во моментов на автопатот Миладиновци – Свети Николе – Штип работат вкупно 681 работник и 330 градежни машини и камиони. Екипа на порталот „Билд“ се одлучи да го посети градилиштето и да се увери до каде е изведбата на оваа автопатска делница со должина од 47,8 километри.

 

Како што не информираа од надзорот, до 30 април 2018 година се завршени 79% од севкупните активности. Овој автопат во источниот дел од земјата е поделен на три делници, при што кинескиот изведувач „Синохидро“ успеал досега да реализира 96% од активностите на својот дел од трасата со должина од 9,6 километри. Останатите два македонски подизведувачи имаат реализација на работата од 74 до 76%, заклучно со крајот на април година.

 

Според склучениот анекс на договорот од 16 октомври 2017 година, крајниот рок за завршување на градежните работи е продолжен до 30 септември 2018 година. Овој датум ќе се испочитува во делот на изведбата на најзначајните инфраструктурни објекти на трасата – вијадуктите, клучките, надпатниците и подпатниците. Нашата екипа на терен забележа дека градежните работи се одвиваат во полн ек, паралелно со појавата на нови, неочекувани проблеми при изведбата на автопатот. Фрлајќи око кон засечените ридишта на трасата, не е тешко да се заклучи дека свлечиштата и клизиштата се главниот предизвик со кој се соочуваат изведувачите во овој момент.

 

Свлечиштата и нестабилните зони, кои во моментов се околу 25 на број, се главниот проблем за завршување на градежните работи во предвидениот рок. Во најголем дел се јавуваат на првите 17 километри од автопатот, на сегментот што го изведува скопски „Бетон“. Од увидот на лице место, не е тешко да се појави скепса дека неопходната санација на косините може да го пробие крајниот рок за пуштање во употреба на овој автопат, барем за неколку месеци. Поаѓајќи од фактот што свлечиштата и нестабилните зони се непланирани, тие отвораат работа и за дополнителна експропријација на земјиштето, кое е неопходно за изведба на новите косини.

 

И покрај овие проблеми, одговорните лица од надзорот нè уверуваат дека автопатот Миладиновци – Штип ќе биде завршен во рамките на предвидениот буџет, без дополнителни финансиски оптоварувања за државата. Во склучениот договор од 226.696.367 евра се предвидени и 10% (околу 20,6 милиони евра) за непредвидени работи. Од овие средства ќе се покрие санацијата на свлечиштата и нестабилните зони долж трасата.

 

Во делот на асфалтирањето, до крајот на мај годинава е поставен прв слој на асфалт на 34,5 километри од трасата, втор слој на асфалт е поставен на 33,4 километри, додека завршен асфалтен слој има на 25,75 километри од идниот автопат со должина од 47,8 километри. Извесно е дека до 30 септември 2018 година ќе биде комплетно завршена изведбата на двете делници од правецот на Штип кон Свети Николе, додека можност за одолговлекување на асфалтирањето постои кај изведбата на последните 17 километри во правец од Свети Николе кон Миладиновци.

 

Во делот на планираните објекти долж автопатот, четири од вкупно шесте големи конструкции веќе целосно се завршени. Заклучно со 31 мај годинава, на најсложениот вијадукт број 6 се реализирани 80% од работите, додека на вијадуктот број 7 се изведени 70% од работите. Поголеми проблеми нема ниту при изведбата на клучките. Најсложена за изведба е клучката „Миладиновци“, каде што се завршени околу 80% од работите. Од седум клучки долж трасата, на 4 од нив се завршени 95% од зацртаните активности. Најспоро се изведува клучката „Свети Николе југоисток“ со помеѓу 50 – 60% реализација на работите и клучката „Три чешми“, која во моментов е околу 70% комплетирана. Исто како и вијадуктите, сите седум клучки на автопатот ќе бидат завршени до 30 септември до тој степен да може да бидат функционални.

 

Токму овие објекти се најсложениот дел од изградбата на новиот автопат. Клучката „Миладиновци“ е сложена за изведба, бидејќи треба да се поврзе со постојните автопати Куманово – Велес и Куманово – Скопје. Вијадуктот број 6 е најголемиот објект – тој има должина од 320 метри и висина на столбовите од околу 60 метри. За да се завршат изведбените работи во рамки на предвидениот рок, во претстојниот период би можело да се зголеми број на работници на терен на вкупно 800 лица.

 

На автопатот Миладиновци – Свети Николе – Штип не е предвидено да се гради контролен центар. Во иднина е оставена можноста за изведба на камери за набљудување и електронска сигнализација со поставениот оптички кабел долж целата траса. Тој ќе биде поврзан со двете планирани наплатни рампи „Преод“ и „Кадрифаково“. За изведбата на наплатните рампи ќе треба да се распише дополнителен тендер, но речиси е извесно дека автопатот на почетокот ќе биде пуштен во употреба без патарини.

 

Вкупната широчина на автопатот изнесува 27,4 метри, а двата коловози се со широчина од по 10,7 метри. Максималниот подолжен нагиб изнесува 6%. Средишниот зелен појас ќе биде заштитен со ивичници, а целиот автопат ќе биде покриен со дренажен систем. Вкупната должина на звучните бариери ќе биде нешто повеќе од три километри.

 

За жителите од источниот дел на Македонија е најважено дека патувањето меѓу Скопје и Штип со овој нов пат ќе биде значително скратено. Жителите со автомобили од Свети Николе ќе може да отпатуваат до Скопје за помалку од половина час, додека од главниот град до Штип по овој автопат ќе се стигнува за околу 45 минути. Ваквите податоци навестуваат економски импулс за Овчеполието и источна Македонија.

 

Автопатот Миладиновци – Свети Николе – Штип се гради врз основа на изработената проектна документација на „Простор“ од Куманово, додека ревизијата на проектот ја има направено Градежниот факултет при УКИМ. Надзорот над градежните работи го врши конзорциум од „ГЕИНГ Кребс унд Кифер Интернешнл“, „Диви“ и Градежен институт „Македонија“. Официјалниот почеток на изградбата на овој автопат беше на 2 мај 2014 година, додека првичниот датум за негово завршување беше 1 мај 2017 година.

 

Нашата екипа го завршува еднодневното патување со кусите изјави на жителите на Свети Николе што ги затекнавме на терен. Сите се оптимисти дека автопатот ќе го ублажи заминувањето на населението од овој крај и се надеваат дека ќе можат да најдат подобра работа во Скопје. Ги очекуваат и скопјани како нови жители на нивниот град – трошоците за живот во Свети Николе се неспоредливо помали дури и во споредба со соседното Куманово, а особено во однос на Скопје. Современата сообраќајна врска меѓу Миладиновци и Свети Николе отвора можности за изградба на нови викенд населби во ридиштата, коишто би ја заживеале една од најретко населените општини во земјава. На нивниот оптимизам им одговоривме со реченицата дека ќе дојдеме пак во Свети Николе, но овој пат, по новиот автопат.

 

 

» Форумска дискусија за автопатот Миладиновци – Штип

 

 

Репортажата ја подготви екипа на Билд