Претходна статија
Бит - пазар ќе ја чека наредната година за најавената урбанизација
Следна статија
Старите автобуси ќе се повлекуваат од употреба

Реконструкцијата на пругата кон Бељаковце ќе доцни цела година

Објавено на 07.10.2014 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Само седум месеци по почетокот на зафатот за реконструкција на пругата од Куманово до Бељаковце, директорот на Македонски железници – Инфраструктура Ирфан Асани при денешниот увид на градежните активности на терен најави дека првичниот рок за завршување на работите ќе биде продолжен за цела година. Наместо рехабилитацијата на оваа делница да се комплетира во 2016 година, директорот Асани најави дека севкупните градежни активности ќе завршат во септември 2017 година. Како причини за доцнење во реконструкцијата на пругата се наведуваат активностите околу експропријацијата на земјиштето, но и плановите за заштита на животната средина, на движењето на луѓето и на кружните појаси.

 


* Дел од пругата Куманово – Бељаковце која беше реконструирана во 90-тите (извор: Физибилити студија за Коридорот 8 – Источна делница)

 

 

„Имаме и една работа која се појавува последно, а тоа е заради лошата ревизија направена врз проектот од страна на Градежен факултет кај што многу работи се поминати без да се видат темелно и една пракса се појавуваат промени кои бараат друго решение од време на време и сите тие работи одземаат време на повторен дизајн, повторни решенија, повторни мерења на тие статики, пропустливоста на трасата и многу други елементи кои ги решаваме во тек, но нормално дека создаваат некој импакт во капацитетот на работите“, објасни денес директорот Асани.

 

При посетата на терен, првиот човек на МЖ – Инфраструктура изјави дека во моментов се гради мост кај железничкиот премин Лопате, локација на која се вкрстуваат паневропските Коридори 8 и 10. Досега е извршена и демонтажа на старата пруга до станицата Шупљи Камен, по што ќе се продолжи со поставување на сигнализацијата и на телекомуникациската опрема. Во наредниот период ќе треба да се завршат и посложените делови од реконструкцијата на оваа делница – едноколосечната пруга во должина од 30,8 километри, како и изградбата на три железнички станици, четири стојалишта, еден тунел, три мостови, осум подвозници и шест надвозници.

 

За изведувач на градежните работи на овој проект е избрана германската компанија „Вибе“. Инвестицијата во реконструкција на пругата Куманово – Бељаковце е проценета на преку 50 милиони евра, од кои 46,4 милиони евра беа обезбедени преку кредит од Европската банка за обнови и развој.

 

 

Бојан Блажевски