Министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески денеска ја посети локацијата каде во моментов се одвиваат градежни работи за обнова на мостовите на автопатот Велес – Скопје. Според зборовите на министерот Јанакиески, во тек е санацијата на три од предвидените 13 мостови. Изведбените активности се одвиваат според планираното темпо и се очекува истите да се комплетираат најдоцна до септември 2015 година. Финансиската конструкција на овој проект изнесува 8,6 милиони евра, обезбедени од НАТО преку Проектот за обнова на мостовите во Македонија. Изведувач е француската компанија „Фресине“ (Freyssinet), а надзорот го врши ИРД Инженеринг СРЛ. Основниот проект за реконструкцијата го изработи Градежниот факултет од Скопје.
При денешната обиколка на градилиштето беше соопштено дека долгонајавуваната санација на делницата Велес – Скопје ќе започне кон средината на годинава. Министерот Јанакиески напомена дека во финална фаза е изборот на градежна компанија и надзор што ќе ја реализираат реконструкцијата на автопатот. На тендерот се пријавиле три компании, кои влегуваат во трката за избор на најповолен понудувач што ќе ја обнови постоечката траса во должина од 23,5 километри. Вредноста на овој проект се проценува на околу 8 милиони евра.