Активностите за реконструкција на автопатот A1 (М-1) на делницата од Катланово кон Велес се одвиваат според зацртаните планови. Изведувањето на градежните работи на овој сегмент од патниот Коридор 10 ќе се комплетира до крајот на октомври или почетокот на ноември годинава, а во моментов се работи на поставување на нов асфалт на коловозот и довршување на процесот на санација на 10 проблематични косини долж целата траса, чија должина изнесува 27,6 километри. Со заокружувањето на целокупниот зафат, планирано е комплетно да се обнови постоечкото и да се постави ново осветлување пред и во тунелите помеѓу Катланово и Велес, но и да се замени застарената хоризонтална и вертикална сигнализација. На оваа делница ќе се санираат трите слегнати насипи, ќе се изработат риголи и ќе се заменат дел од сегашните ивичници. За проектот се издвоени финансиски средства во висина од 7,5 милиони евра, а изведувач е „Гранит“ од Скопје.
На денешната обиколка на теренот, министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески и директорот на Агенцијата за државни патишта Љупчо Георгиевски ја открија динамиката со која ќе се одвива реализацијата на останатите владини ветувања за развој на патната инфраструктура во Македонија. Министерот Јанакиески напомена дека во текот на септември треба да започнат градежните активности на автопатот од Демир Капија до Смоквица и притоа соопшти дека владата планира до крајот на 2015 година да ги реконструира сите делници од автопатот Табановце – Гевгелија кои претходно се изградени, со финансиски средства што треба да обезбедат од ИПА фондовите на Европската унија.
За најважниот дел од Велес кон Скопје веќе е изработена проектна документација, неговата санација ќе чини 8 милиони евра, а пари повторно се очекуваат од ИПА фондовите. „Се надевам дека до крајот на годинава ќе добиеме потврда од Европската комисија дека проектот е одобрен за во рок од девет месеци да се изврши избор на изведувач и да се почне со градба“ истакна директорот Георгиевски. Слично на актуелната реконструкција, на автопатот во спротивен правец ќе се санира оштетениот коловоз и ќе се постави нова сигнализација. Во соработка со северноатлантската алијанса НАТО, наредната година ќе започне договорената реконструкција на 13 оштетени мостови од Коридорот 10, инвестиција вредна 8,6 милиони евра.