По неколку години застој, Битола наскоро повторно ќе добие централно парно затоплување, овој пат преку изградба на систем за одведување на топлинска енергија од РЕК Битола. На вчерашната владина седница, директорот на Електрани на Македонија (ЕЛЕМ) Влатко Чингоски изјави дека се започнати активностите за изведба на зафатот, така што во овој момент се работи на проектот за одземање на топлина од турбината и на проектирање на топловодот со кој топлината ќе се дистрибуира до општините Битола, Новаци и Могила.
Според првичните информации, планирана е изградба на околу 12,5 километри топловод од РЕК Битола до градот под Пелистер, модернизирање на примарната и секундарната топлинска мрежа во Битола и реконструкција на топлинските системи. Планот предвидува 55.000 потрошувачи да се загреваат преку искористување на отпадната топлинска енергија од РЕК Битола. Податоците говорат дека за целосно завршување на проектот ќе бидат потребни од 35 до 40 милиони евра. Директорот на ЕЛЕМ најави дека во 2013 година, најдоцна до 2014 година Битола повторно ќе добие централно парно греење.
Бојан Блажевски