Прекинато е издавањето на привремени решенија за стекнување на статус на повластен производител на електрична енергија од фотонапонски електрани кои се водат пред Регулаторната комисија за енергетика. Во денешното соопштение од ова тело се нагласува дека привременото решение е донесено поради надминување на предвидените моќности утврдени во Одлуката за вкупната инсталирана моќност на енергетските објекти кои го користат сонцето како обновлив извор на енергија за производство на електрична енергија. Комисијата во наредниот период нема да ги разгледува барањата за издавање на привремено решение за стекнување на статус на повластен производител на електрична енергија од фотонапонски електроцентрали.
Интересот за инвестирање во соларни електрани енормно се зголеми во последните неколку месеци. До надлежното регулаторно тело во континуитет пристигнуваат нови барања за привремени решенија, но истовремено се издаваат и лиценци за вршење на енергетска дејност: производство на енергија од фотонапонски електрани. Само во текот на септември, две компании – „Енерџи Сервисис“ од Скопје и „СУПЕР МИКС Керим“ од Скопје поднеле документи за издавање на лиценца за производство на електрична енергија од овој вид обновливи енергетски извор. Во нашата земја егзистираат 27 соларни електрани, кои во моментов се регистрирани во официјалната листа на повластени производители кои го ползуваат сонцето за добивање енергија и истата ја продаваат по посебно определени цени во евроцентри по киловат час.