По бројните перипетии во односите меѓу општинските совети и градоначалниците, Дојран и Валандово ги определија датумите за одржување на референдуми околу изградбата на рудници на нивната територија. Советот на општина Дојран по трет пат ја поддржа одлуката за граѓанско изјаснување, закажувајќи го референдумот за 23 јули. Во избирачкиот список се запишани околу 2.900 жители од ова населено место, кои ќе имаат можност да го искажат својот став на осум избирачки места. Тие ќе можат да се изјаснат за двете поставени прашања – дали се „за“ или „против“ за продолжување со работа на рудникот „Казандол“ и дали се „за“ или „против“ отворање на рудници за металични суровини на територијата на општина Дојран.
Советот на општина Валандово денеска повторно ја усвои одлуката за одржување референдум за изјаснување на граѓаните за двете референдумски прашања, исто како во Богданци. Референдумот во Валандово ќе се одржи на 20 август. Донесувањето на одлуката следува откако градоначалникот на Валандово одби да ја потпише одлуката донесена од општинските советници во текот на минатата недела.