Процесот на легализација на дивоградбите во земјава се одвива со бавно темпо. Од 354.169 барања за утврдување на правен статус на бесправно изграден објект, само 35.710 решенија се спроведени до Агенцијата за катастар на недвижности, со што бројката на уважени барања кои ја завршиле целокупната постапка се сведува на околу 10% од вкупниот број. Министерството за транспорт и врски денеска информираше дека во тек е постапувањето по 67.172 предмети од локалните самоуправи, а прекината е постапката за дури 234.132 дивоградби. Информациите говорат дека се усвоени 42.997 барања, додека во ставката одбиени случаи се регистрирани 497 бесправно изградени објекти. Очекувањата на централната власт се дека до крајот на 2013 година ќе бидат легализирани над 100.000 дивоизградени зданија.
Најголем проблем во процесот на легализација е некомплетната документација од граѓаните, особено изготвувањето на геодетски елаборат. Од надлежното министерство апелираат до граѓаните да побрзаат со комплетирањето на документацијата, бидејќи со последните законски измени рокот за поднесување на целосната документација истекува во јуни 2014 година.
Во однос на големиот број нерешени случаи за легализација на дивоградбите на граѓаните, општините се должни во наредните 30 дена да ги решат сите постапки, во спротивно ќе биде поднесена прекршочна постапка против службените лица кои што ги водат предметите. Управниот инспекторат при контрола на 84 општини изготвил 78 решенија со кои им налага на општините да ги отстранат утврдените недостатоци во спроведување на постапката за легализација. Проектот за легализирање на дивоградбите започна во март 2011 година.