Претходна статија
Парк и градинка на местото на постоечките бараки на АДСДП
Следна статија
Македонија за првпат домаќин на регионална Кнауф Академија

Реакции по одлуката за изградба на пристапна улица на Кејот на Вардар

Објавено на 25.09.2015 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) денеска побара од скопскиот градоначалник Коце Трајановски да ја повлече одлуката за изградба на надземна пристапна улица на Кејот „13 Ноември“ во центарот на Скопје. „На ова место не може и не смее да има сообраќајна улица. Доколку Трајановски остане слеп послушник на Груевски и не ја промени одлуката, во координација со советниците од Општина Центар, СДСМ и коалицијата ќе поднесат иницијатива за промена на ДУП-от за оваа улица да остане пешачка зона. Кејот е на граѓаните на Скопје и таков мора да остане“, изјави Дамјан Манчевски, координатор на советничката група на СДСМ и коалициските партнери во Советот на Град Скопје.

 

 

Покрај иницијативата за промена на ДУП-от што ќе се достави до Општина Центар, Манчевски денеска посочи дека меѓу мерките што ќе се преземат против уништувањето на шеталиштето ќе биде и оспорување на одлуката пред Уставниот суд. Од СДСМ посочуваат дека донесената одлука од Градот Скопје ќе го уништи слободниот простор на Кејот на Вардар и истата претставува класичен пример за узурпација на јавен простор и газење на волјата на граѓаните.

 

 

Од Градот Скопје денеска излегоа со објаснување дека новата патека ќе се гради на трасата на некогашната улица на Кејот на Вардар. Пристапната улица, би почнувала од постоечкиот паркинг кај хотелот „Холидеј Ин“, трасата ќе минува на просторот помеѓу сегашните летни тераси на кафулињата и рестораните, и истата ќе завршува кај објектот на „Телеком“ на плоштадот „Македонија“. Новата улица со режим на сообраќај ќе треба да ја опслужува идната катна гража што ќе се гради позади административната зграда на „Телеком“, при што неа ќе може да ја користат сите фирми што работат на тој потег.

 

 

Надземната пристапна улица е предвидено да ја гради компанијата „Дивелоп Груп“, која беше инвеститор и во изградбата на новиот објект во кој е лоцирано седиштето на „Телеком“. Инфраструктурниот објект ќе се реализира врз основа на проектната документација изработена од фирмата „Чакар партнерс“.