Претходна статија
Кој ќе ги постави спомениците од „Скопје 2014“ посветени на албанските дејци?
Следна статија
Повлечен спорниот ДУП за скопската населба Острово

Развојот на инфраструктурата во фокусот на власта и опозицијата

Објавено на 26.03.2016 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Министерот за транспорт и врски Владо Мисајловски во име на владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ денеска одржа прес-конференција за реализираните проекти во инфраструктурата во периодот од 2006 до 2016 година. Владата на ВМРО-ДПМНЕ во изминатава деценија вложила преку една милијарда евра во изградба на патната инфраструктура. „Досега изградивме и рехабилитиравме 85 километри автопатска мрежа, инвестиција од 70 милиони евра. Во тек е изградба и реконструкција на 142 километри автопат инвестиција од околу 800 милиони евра. Во моментов се градат три нови автопати“, рече министерот Мисајловски.

 

 

 

Во отчетот на ВМРО-ДПМНЕ за инфраструктурата се наведува дека досега се реконструирани 55 магистрални и регионални патишта со вкупна должина од над 510 километри, инвестиција од 93 милиони евра. Министерот Мисајловски потенцираше дека во моментов се реконструираат 13 регионални патишта со вкупна должина од 165 километри и вкупна должина од над 48 милиони евра. Во делот на локалните патишта, во изминатава деценија биле реконструирани 404 патишта со вкупна должина од над 750 километри и инвестиција од над 65 милиони евра. Власта на ВМРО-ДПМНЕ изградила и санирала 12 мостови, 38 клучки и 17 свлечишта.

 

Во делот на железницата, започната е изградбата на пругата од Куманово до Бељаковце, инвестиција тешка 40 милиони евра. Во тек е и изградбата на железничката делница од Битола до Кременица со вкупна вредност од 19 милиони евра. Во моментов се проектира пругата од Бељаковце до Крива Паланка и од Крива Паланка до границата со Бугарија, проект што треба да заврши до 2022 година. ВМРО-ДПМНЕ во своето досегашно работење реконструирала 10 железнички станици низ земјава и главната железничка станица во Скопје. Истовремено, купени се шест нови моторни гарнитури и 150 товарни вагони за железничкиот сообраќај.

 

Во делот на воздушниот превоз, изградени и реконструирани се аеродромите во Скопје и Охрид. Само во периодот од 2012 година до денешен ден се воведени 23 евтини летови до европски дестинации. Владата на ВМРО-ДПМНЕ инвестирала над 12 милиони евра во изградба на 42 водоводни и канализациони системи. Во фаза на реализација се 24 проекти со вкупна вредност од 7 милиони евра. Во делот на социјалните станови, извршната власт во изминативе 10 години инвестирала 20 милиони евра во изградба на 678 станови. Во моментов се градат две социјални згради во Македонски брод и Кочани со 53 станови.

 

Од ВМРО-ДПМНЕ во својот отчет го нагласуваат и проектот за легализација на дивоизградените објекти. Досега се легализирани околу 147.000 објекти. За граѓаните кои припаѓаат на социјално ранливите категории се изработени над 5.300 бесплатни елаборати. Граѓаните имаат можност да изберат бесплатни проекти за изградба на типски куќи, но и да ги надградат своите куќи во максимална висина до 10 метри без истата да биде предвидена во планската документација. Министерот Мисајловски денеска посочи дека владејачката партија изградила 14 километри пешачки патеки околу македонските езера и 1,2 километри плажи на Дојранското и на Преспанското езеро.

 

 

 

СДСМ: Груевски го чека отчет за провизијата од 25 милиони евра

 

Како реакција на денешниот отчет на ВМРО-ДПМНЕ, од опозицискиот Социјалдемократски сојуз на Македонија потенцираат дека власта заборавила во отчетот да ја спомене провизијата од 25 милиони евра што Никола Груевски и Миле Јанакиески ја договарале со кинеската компанија за изградба на автопатиштата. „Кога зборува за виртуелни инвестиции во патната инфраструктура на ВМРО-ДПМНЕ, Владо Мисајловски заборави да ги спомене и 8-те милијарди евра инвестиции, најголемата инвестициска лага на Груевски. Вистината е дека Груевски и ВМРО-ДПМНЕ не изградија ни по еден километар автопат годишно“, посочуваат од СДСМ.

 

Од СДСМ нагласуваат дека власта на ВМРО-ДПМНЕ во изминативе 10 години завршила само 7 километри автопат и ниту еден километар железничка пруга. Во делот на железницата, во 2005 година имало 39 локомотиви и патнички гарнитури, а денес железницата поседува едвај 20 исправни. Од СДСМ потенцираат дека возните билети во железницата биле поскапени за 50%, а превозот на патници со воз е намален за повеќе од 40%.