Претходна статија
Проект за спас на црквата во Мавровското езеро
Следна статија
Убавините на Матка во иднина ќе бидат подостапни за посетителите

Расте интересот за ползување на биогасот како енергенс во земјава

Објавено на 19.05.2014 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Македонија го фаќа чекорот со западноевропските земји во однос на искористувањето на биогасот како еколошки извор за добивање енергија. За помалку од една година се најавија неколку инвестиции во изградба на фабрики за производство на биогас и термоелектрани за производство на електрична енергија од овој обновлив извор на енергија. Во кичевската индустриска зона Ивандол-2 деновиве започна изведбата на фабрика за биогас на инвеститорот Фаик Шерифи, која беше најавена од локалната самоуправа на градот уште во ноември минатата година. Погонот ќе има дневен капацитет за преработка на 25 тони биоразградлив отпад, од кој преку системот на Дигестори ќе се добиваат околу 3.000 метри кубни гас на ден, кои ќе се користат во различни цели.

 

Инвеститорот во фабриката за биогас ќе вложи милион евра и првично ќе вработи 15 лица. Индустрискиот објект е предвидено да се комплетира најдоцна до крајот на септември годинава. Покрај овој капацитет, во моментов се гради и првата македонска термоелектрана на биогас во тетовското село Требош, чија инсталирана моќност ќе изнесува 1 мегават. Податоците на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) покажуваат дека во Македонија се издадени четири привремени решенија за стекнување на статус повластен производител на електрична енергија од термоелектрани на биогас. Покрај тетовската „Електро Шари“, во регистарот се заведени и три енергетски објекти во битолскиот регион. Компанијата „Пелагонија Енерџи“ ќе ги гради термоелектраните на биогас „Могила“, „Логоварди“ и „Породин“.

 

Според информациите од РКЕ, вкупната инсталирана моќност на овие енергетски објекти ќе изнесува речиси 6 мегавати. По повластена тарифа на територијата на Македонија е можно да се изгради уште една термоелектрана на биогас со моќност од 1 мегават. Македонската влада во текот на април минатата година ја зголеми повластената цена за откуп на електрична енергија од капацитетите што го користат биогасот, при што истата во моментов изнесува 18 евроценти за киловат – час. Произведеното количество електрична енергија од биомаса може да се продава по повластена цена од 15 евроценти за киловат – час.