Претходна статија
Отворен новиот Археолошки музеј на Македонија
Следна статија
Почнува третата фаза од рехабилитацијата на патот Велес - Штип

Расте енергетската зависност на Македонија од странските пазари

Објавено на 20.10.2014 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Наместо да се намалува, енергетската зависност на нашата земја во текот на 2013 година се зголемила за 0,5% во споредба со претходната година. Увозот на севкупна енергија од странските пазари е во пораст, а домашните енергетски објекти сè помалку ја задоволуваат вкупната потребна енергија за домаќинствата, сообраќајот и за индустрискиот сектор. Државниот завод за статистика денеска соопшти дека вкупното примарно производство на енергија лани изнесувало 1.373.408 toe (тони нафтен еквивалент) или 50,5% од вкупно потребна енергија. Наспроти ваквите податоци, македонскиот енергетски сектор во 2012 година произвел вкупно 1.517.777 toe или 51% од неопходната енергија за непречено функционирање на земјава. Вкупната потребна енергија за 2013 година изнесувала 2.721.727 toe.

 

 

 

Во вкупниот енергетски биланс за минатата година е наведено дека увозот на енергија од странство бил заокружен на 1.518.831 toe, што е повеќе од вкупното примарно производство на енергија. Покрај порастот на енергетската зависност од странство, македонската потрошувачка на енергија во текот на 2013 година била нееколошки поставена. Кога станува збор за финалната енергетска потрошувачка во индустријата, најмногу се користеле нафтените продукти (37,3%), електричната енергија (34,5%) и цврстите горива (22,6%). Од добиените статистички информации може да се забележи дека првенствено се користат оние енергенти кои го загадуваат воздухот во градовите, но и целокупната животна средина. Единствено 5,3% од целокупната потрошувачка на енергија отпаѓа на природниот гас и на биомасата, кои можат да се класифицираат во групата на зелена енергија.

 

Наспроти индустријата која што ја загадува околината во која живееме, ситуацијата е поинаква во финалната енергетска потрошувачка на домаќинствата, каде електричната енергија учествува со 58,1% од потрошувачката. Биомасата е на втората позиција со 29,6% од целокупната искористена енергија, а по неа следува топлинската енергија со 6,2% од потрошувачката. Цврстите горива и нафтените продукти учествуваат со 6,1% од финалната енергетска потрошувачка на македонските домаќинства. Како најголем потрошувач на енергија во 2013 година се јавува индустријата со 31%, пред сообраќајот со 27,5% и домаќинствата со 25% од расположливата финална потрошувачка на енергија.

 

 

Бојан Блажевски