Претходна статија
Железничкиот превоз во константен пад веќе неколку квартали по ред, позитивниот тренд во авиосообраќајот продолжува
Следна статија
Проектот за новиот Клинички центар ќе биде готов до крајот на годинава

Распишан тендерот за реконструкција на автопатот Велес – Катланово

Објавено на 30.08.2013 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Автопатска делница Велес - КатлановоРуинираната автопатска делница од Велес кон Катланово во текот на наредната година треба да почне да се рехабилитира. Тендерот за избор на градежна компанија за овој проект веќе е објавен на интернет – страницата на Европската Унија, во рамките на ИПА компонентата за регионален развој во делот на транспортот. Понудите за реконструкција на делницата во должина од 23,5 километри треба да се достават најдоцна до 2 декември, додека периодот за изведба на градежните активности изнесува една година. Со зафатот е предвидено да се санира дотраениот коловоз и насипите, да се замени постоечката сигнализација и да се обнови обележувањето на патот.

 

Проектот вклучува целосна обнова на асфалтот по целата должина, поставување нови банкини и заштитници, современа хоризонтална и вертикална сигнализација, мрежи за заштита од одрони, како и реконструкција на дренажите за атмосферска и подземна вода. Според податоците на Агенцијата за државни патишта, по оваа делница  во просек дневно минуваат преку 10.000 возила, при што истата е дел од паневропскиот Коридор 10 и претставува значајна врска со земјите од Европа. Минатата година беше целосно рехабилитирана автопатската делница во обратен правец – од Катланово кон Велес, проект во кој беа инвестирани 7,3 милиони евра.