Претходна статија
Низ портите на македонските аеродроми лани минале 2.334.558 патници
Следна статија
SHARE Skopje 2019 International Architecture and Engineering Forum

Распишан тендерот за првата фаза од изградбата на булеварот „АСНОМ“

Објавено на 24.01.2019 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Градот Скопје годинава планира да ја отпочне првата фаза од изградбата на ветениот нов булевар што ќе ги поврзува општините Гази Баба и Аеродром. Денеска беше објавен тендерот за избор на изведувач што ќе го гради новиот булевар „АСНОМ“, на потегот од крстосницата со булевар „Србија“ до крстосницата со улица „Васко Карангелески“ кај спортската сала „Јане Сандански“. Со претстојниот зафат ќе се изврши реконструкција и надградба на постојниот коловоз, со што ќе се добие булеварски профил на оваа траса.

 

*Булеварот „АСНОМ“ ќе се реконструира и надгради од спортската сала „Јане Сандански“ до крстосницата со булевар „Србија“

 

Градежните работи за изведба на првата фаза од булеварот „АСНОМ“ се проценети на околу 77 милиони денари, без вклучен ДДВ. Компаниите од градежниот сектор ќе имаат рок до 13 февруари за да ги достават понудите за учество во тендерската постапка. Најповолниот изведувач ќе има рок од 6 месеци за да ги реализира градежните работи, со што се остава простор првата фаза од реализацијата на булеварот „АСНОМ“ да биде завршена во текот на 2019 година.

 

Булеварот „АСНОМ“ беше ветен проект на градоначалникот Петре Шилегов, кој во март минатата година изјави дека нова сообраќајница ќе се гради на потегот меѓу скопскиот саем и спортската сала „Јане Сандански“. Новата траса со должина од 2.170 метри ќе треба да има шест коловозни ленти, велосипедски и пешачки патеки. Сите фази од реализацијата на овој проект се очекува да чинат од 7,5 до 8 милиони евра. Оваа исклучително важна сообраќајница треба да обезбеди растеретување на сообраќајниот метеж кај Транспортниот центар и алтернативна врска за побрзо патување меѓу центарот на Скопје и населбите од општина Аеродром.

 

 

Бојан Блажевски

bojan.blazevski@build.com.mk