Претходна статија
Цементарница УСЈЕ ќе го користи отпадот од скопските паркови како алтернативно гориво
Следна статија
Државата ќе подготви проект за изградба на патна обиколница околу Ресен

Распишан тендерот за проект за идниот експресен пат Битола – Меџитлија

Објавено на 27.06.2018 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

Јавното претпријатие за државни патишта денеска ја објави тендерската постапка за избор на компанија што ќе ја изработи проектната документација за изградба на експресен пат од Битола до граничниот премин Меџитлија. Новото патно поврзување со Грција би било долго околу 20 километри, вклучувајќи ја и идната обиколница на Битола. Со тендерот е предвидено да се изработи комплетната документација, и тоа идеен проект, проект за инфраструктура и основен проект за планираниот експресен пат. Од буџетот на ЈП за државни патишта е проценето дека ќе се издвојат над 47 милиони денари за оваа намена.

 

*Идното патно поврзување со Грција ќе се соедини со постојниот магистрален пат Битола – Прилеп и со експресниот пат Градско – Прилеп

 

Идниот проектант ќе добие рок од 18 месеци за да ја изработи проектната документација за планираниот експресен пат. Заинтересираните фирми треба да ги достават своите понуди за учество на тендерот најдоцна до 27 август. Од ЈП за државни патишта минатиот месец објавија и повик за доставување на предлози и коментари од проектантските бироа, коишто би се употребиле при спроведување на тендерот за набавка на проектната документација.

 

Идниот експресен пат Битола – граничен премин Меџитлија е составен дел од паневропскиот Коридор 10д. Оваа траса би се поврзала на експресниот пат Градско – Прилеп, којшто во моментов се гради. Планираната траса, во правец кон Грција, би била продолжение на автопатите А 27 и „Егнација Одос“, коишто овозможуваат брзо и ефикасно поврзување со грчкото пристаниште Игуменица на Јонското море.

 

 

Бојан Блажевски

bojan.blazevski@build.com.mk