Над 53 милиони денари ќе се одвојат од буџетот на Република Македонија за реконструкција и одржување на водоснабдителниот систем во Куманово. Министерството за транспорт и врски денеска го објави тендерот за избор на компанија што ќе ги изведува неопходните работи во наредните 15 месеци. Заинтересираните фирми ќе имаат рок до 20 јуни за да ги достават своите понуди за учество во тендерската постапка.
Со проектот е предвидено да се изврши замена на постојната мерна опрема во филтерницата и бунарското подрачје Митев мост, да се постави нова мерна опрема на три локации во високата зона, да се инсталира опрема за следење на нивото на водата во два резервоари, да се изведе електроенергетско напојување, да се заштитат објектите од атмосферски празнења, да се изведе SCADA системот и да се адаптираат две простории за баждарење и пескарење на водомери.
Овој проект следува само еден месец по изборот на компанија што ќе поставува нови водомери во кумановските домаќинства. Станува збор за проект вреден 1,9 милиони евра и со него би се опфатиле 10.000 домаќинства со нови електрични водомери во градот. Двата актуелни проекта се очекува дека ќе го осовременат водоснабдителниот систем во Куманово, но и ќе ги решат проблемите со недостиг на вода во летните месеци и неконтролираната потрошувачка на вода.